Connect with us

Свет

Иранските власти нема да дозволат збогатениот ураниум да ја напушти земјата

Иран нема да дозволи ниту една честичка збогатен ураниум да ја напушти земјата, изјави денеска шефот за иранскиот совет за безбедност, Мохсен Резаи, заканувајќи се со последици доколку САД повторно ја нападнат Исламската Република.

Резаи зборуваше за либанската проиранска телевизија „Ал Маџадин“ откако американските претставници со своите изјави ја намалија потребата од нова воена акција против Иран.

Аналитичарите истакнуваат дека американскиот претседател Доналд Трамп зазел попомирлив став откако неговите републиканци доживеаја потоп на минатонеделните меѓуизбори, а анкетите покажаа дека една од причините е противењето на Американците на војната против Иран.

Резаи рече дека во моментов нема преговори меѓу Техеран и Вашингтон.

Иранскиот врховен лидер наредил ураниум збогатен до нивото потребно за производство на нуклеарно оружје да не може да се испраќа во странство, уште в мај открија двајца високо позиционирани  ирански извори.

Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) проценува дека во времето на израелско-американските напади врз нуклеарните постројки во јуни 2025 година, Иран имал 440,9 килограми ураниум збогатен до 60 проценти – ниво значително повисоко од потребното за цивилна употреба. Не е познато колку од овој материјал „преживеал“ по нападите.

Израел, САД и другите западни земји долго време го обвинуваат Иран дека се обидува да развие нуклеарно оружје, што Техеран цврсто го негира, пишуваат британските медиуми.

Вашингтон вели дека нуклеарното прашање мора да биде на почетокот на сите преговори со Иран за завршување на војната.

Иран испрати предлог до САД преку Катар во врска со неговата нуклеарна програма, што ќе се дискутира дури откако Вашингтон ќе исполни седум барања поставени од Техеран, изјави за Ројтерс висок ирански функционер минатата недела.

Техеран, меѓу другото, бара прекин на непријателствата на сите фронтови, вклучително и во Либан, укинување на поморската блокада и санкциите против Иран, одмрзнување на иранските средства, намалување на американското воено присуство во регионот и надомест за воената штета.

Ad
Ad