Свет
Највисоко рангираниот американски генерал, Дан Кејн, пристигна во Колумбија за заедничките операции во борбата против трговијата со дрога
Началникот на Здружениот штаб на вооружените сили на САД, генерал Дан Кејн, пристигна во Колумбија за да ги координира заедничките операции за борба против трговијата со дрога во екот на офанзивата на двете земји против криминалните банди, објавија француските медиуми.
Генерал Кејн е меѓу главните претставници на алијансата против дрога „Штит на Америка“, поддржана од администрацијата на претседателот Доналд Трамп и обединува околу 20 земји во регионот. Колумбија, која е дел од оваа алијанса, е најголемиот производител на кокаин во светот, а САД се негов главен потрошувач.
Највисоко рангираниот американски воен старешина пристигна вчера во воздухопловната база Катам во Богота, каде што беше пречекан од највисокото раководство на колумбиските вооружени сили.
Двете земји ќе разговараат за теми како што се соработката во воздушниот простор, вклучително и употребата на беспилотни летала во борбата против шверцерите на дрога. Ова се случува во услови на најлошиот бран на насилство во земјата во последната деценија, изјави воен извор за француските медиуми.
„Дејствуваме на координиран начин за да ги предвидиме, да им се спротивставиме и да ги неутрализираме заедничките закани“, напиша поранешниот командант на колумбиските вооружени сили, Ерик Родригез, на социјалните мрежи. Објавата беше придружена со фотографии на кои тој го пречекува генералот Кејн и се ракува со него.
Размената на разузнавачки информации и оперативната поддршка што Вашингтон ѝ ја дава на Колумбија се интензивираше откако претседателот Абелардо де ла Есприела, поддржувач на политиките на преетседателот Доналд Трамп, дојде на власт во Богота на 7 август.
ноември 12, 2026


