Економија
Митреска: Администрацијата на „Алта банка“ треба да ги заштити штедачите и да обезбеди пристап до средствата, НБ ги запазила сите процедури за лиценцирање
Вицегувернерката на Народната банка Ана Митреска на денешната надзорна расправа пред собраниската Комисија за финансирање и буџет посветена на причините за воведување администрација во Алта банка АД Битола, изјави дека мерката е воведена во специфични околности, кога на акционерот со доминантно учество му е одземена согласноста од надлежниот регулатор и нагласи дека домашната банка има здрава финансиска состојба, висока капитализираност и ликвидност.
Митреска посочи дека во вакви услови администрацијата е една од најсоодветните мерки предвидени со Законот за банките, бидејќи треба да спречи евентуална паника и зголемен притисок за повлекување депозити, што би можело да ја наруши ликвидноста на банката и да ја доведе во ситуација да не може навремено и целосно да ги исполнува обврските кон клиентите.
Таа во текот на надзорната расправа одговараше на прашања од пратеници, меѓу кои и на пратеничката од СДСМ Јована Тренчевска, која меѓу другото побара одговорност од НБ за последиците што ги трпат граѓаните поради воведувањето администрација во Алта банка прашувајќи дали пред издавањето согласност за стекнување акции биле проверени репутацијата на сопственикот, потеклото на капиталот и информациите за претходни регулаторни постапки поврзани со Алта групацијата во странство. Таа го отвори и прашањето за растот на активата на Алта банка Белград, која, според нејзините наводи, за пет години пораснала 13 пати, наспроти растот од два процента на целиот српски банкарски сектор.
– Оваа мерка се носи во специфични услови, кога на акционерот со доминантно учество му е одземена согласноста од надлежниот регулатор, а од друга страна, банката е здрава, капитализирана и ликвидна. Во вакви околности, согласно Законот за банки, една од мерките којашто е најоптимална за да може да одговори на тековниот контекст е администрација – рече Митреска.
Таа нагласи дека целта на администрацијата е да воспостави рамнотежа меѓу овозможувањето пристап на клиентите до нивните средства и заштитата на билансот на банката, штедачите, доверителите и поширокиот банкарски систем.
-Мерката администрација има цел да обезбеди рамнотежа. Од една страна, преку еден постепен пристап, да им овозможи пристап на клиентите до своите средства, а од друга страна, согласно околностите и состојбата, да ја заштити состојбата, билансот на банката и да ги заштити сите штедачи и доверители во банката, со тоа се разбира и банкарскиот систем – истакна вицегувернерката.
Во однос на можноста за располагање со средствата, Митреска информираше дека Народната банка, заедно со администраторите, континуирано ја следи состојбата во банката и согласно очекуваните текови ги приспособува дозволените износи за повлекување средства.
Таа посочи дека износот постепено е зголемен од 10.000 на 15.000 денари, а обезбедени се и дополнителни олеснувања за клиентите. Додаде дека тие можат целосно да располагаат со новите приливи врз основа на исплата на плати, пензии и социјална помош, а дополнително, отворени се физички локации на експозитурите на банката, а донесена е и мерка со која правните лица што во последните три месеци исплаќале плати преку „Алта банка – Битола“ да можат да продолжат со исплатата на платите и во текот на овој месец.
-Повторно ќе кажам, мерката има за цел да обезбеди заштита и на билансот на банката, рамнотежа помеѓу оваа цел и исто така пристапот на клиентите до нивните средства сè до наоѓање решенија коишто ќе бидат оптимални и за штедачите и за доверителите на банката, меѓутоа и за целиот банкарски систем – рече Митреска.
Осврнувајќи се на постапката за лиценцирање и давање согласност за стекнување квалификувано учество во банка, таа нагласи дека во Народната банка постои строго дефиниран институционален процес кој поминува низ повеќе нивоа на проверки и одлучување.
Според неа, сите чекори и постапки предвидени со законската и подзаконската регулатива биле целосно запазени и во случајот со „Алта банка Белград“, која поднела барање за стекнување квалификувано учество во тогашната „Стопанска банка Битола“.
Пратеникот Миле Цеков побара конкретни информации за проверките што ги спровела Народната банка согласно член 59 став 6 од Законот за банките, особено во однос на вистинскиот сопственик на „Алта банка Белград“, неговиот интегритет, репутација и потеклото на средствата. Тој праша кои институции биле консултирани, дали постои писмена документација за проценката на ризиците и дали Народната банка располагала со информациите за загриженоста на Европската централна банка во врска со потеклото на капиталот на Алта групацијата пред давањето согласноста во септември 2025 година.
Цеков дополнително побара појаснување за правниот статус на 95,3 проценти од акциите во Алта банка Битола, кои и натаму се во сопственост на српската Алта банка Белград и покрај повлекувањето на согласноста за нивно стекнување, како и за можните правни последици од стечајната постапка во Србија врз евентуалната продажба на акциите во Македонија.
Митреска појасни дека постапката вклучува утврдување на идентитетот на барателот, сопственичката структура и крајниот сопственик, прибирање документација и службена комуникација со надлежните институции, меѓу кои судовите, регистрите, управите, министерствата и Управата за финансиско разузнавање.
-Воедно, за сите лица без исклучок при секој процес на лиценцирање се прават проверки во рамки на меѓународни глобални платформи. Преку овие платформи можат да се добијат, доколку постојат, информации и индиции за евентуални невообичаени трансакции – рече Митреска.
Таа додаде дека преку овие проверки се обезбедуваат документирани докази за исполнувањето на законските критериуми, вклучително и информации за евентуални прекршочни и споредни казни, забрани за вршење дејност, осудуваност, стечајни и ликвидациски постапки, како и евентуално одземање дозвола за основање и работа на банка.
Во врска со проверките кај странските регулатори, Митреска посочи дека Народната банка остварила писмена службена комуникација со Централната банка на Србија, од каде што, како што рече, не биле изразени задршки во однос на подобноста, репутацијата и начинот на управување со „Алта банка Белград“, ниту во однос на почитувањето на прописите и стандардите.
Таа се повика и на одговорот од Централната банка на Црна Гора, која, според неа, врз основа на информациите и доказите со кои располагала, заклучила дека се исполнети условите за давање согласност и дека нема ризици во однос на способноста за сигурно и стабилно управување со платежната институција во рамки на Алта групацијата.
Осврнувајќи се на мерката на Европската централна банка поврзана со трансакциите за преземање на Адико банка, Митреска појасни дека таа се однесувала на купување акции од страна на Алта пеј и друго правно лице, без навремено претходно известување дека со трансакцијата се надминува прагот за стекнување квалификувано учество во банка.
-Вие ја споменавте и Европската централна банка и информациите, се разбира дека е остварена комуникација. Меѓутоа овде сакам да потенцирам дека Европската централна банка изрече мерка која што се однесува на склучени трансакции за купување на банка која што е под надлежност на супервизијата и регулативата на Европската централна банка, помеѓу Алта пеј и друго правно лице, кои што не информирале ексанте, навремено дека со ваквото купување на акции го надминуваат прагот кој што е услов за добивање на квалификувано учество во банка – рече таа.
Според неа, откако била направена промена во трансакциите, мерката за суспензија била повлечена, поради што, како што нагласи, не станувало збор за утврдување несоодветност на акционерот.
Митреска посочи дека во процесот на лиценцирање била проверена и финансиската позиција на потенцијалниот акционер, неговиот капацитет и можноста за финансиска поддршка на домашната банка.
Таа истакна дека била проверена и потеклото на средствата за купување на акциите, за кои, согласно документацијата, било утврдено дека потекнуваат од редовното работење на банката. Како потврда ги посочи билансите на банката, кои задолжително во постапката на лиценцирање треба да бидат потврдени од независни надворешни ревизори.
-И врз основа на тоа можам да констатирам уште еднаш дека сите предвидени чекори, постапки, самиот начин на носење на одлуката во рамките на Централната банка беа во целост запазени – истакна Митреска.
Во однос на правните чекори по одземањето на согласноста на „Алта банка Белград“ за располагање со акциите во македонската банка, Митреска посочи дека Народната банка веднаш по добивањето на јавната информација за одземањето на согласноста од српскиот регулатор донела решение со кое на „Алта банка Белград“ ѝ се одзема согласноста за располагање со акциите во „Стопанска банка Битола“, како и правото на глас.
Митреска појасни дека одземањето на согласноста не значи автоматско одземање на сопственоста, но Законот за банките предвидува јасна постапка за продажба на акциите.
Во вакви случаи, Народната банка му определува рок на акционерот, односно на стечајниот управник или Агенцијата за осигурување на депозити, за отуѓување на акциите. Доколку тие не бидат продадени во определениот рок, стечајниот управник има обврска да ѝ даде овластување на Народната банка да ја спроведе продажбата, со цел заштита на доверителите и штедачите во македонската банка.
Таа нагласи дека и постапката за продажба е прецизно регулирана со закон и не претставува произволна одлука на Народната банка, туку се спроведува преку јавно објавени информации и берзанска аукција, со јасно утврдени услови и правила за учество.
ноември 11, 2026


