Вести
Вештак на обвинителството ја потврди набавката од 9.7 милиони евра за слот апарати
Со испитување на вештото лице д-р Анита Поповска, по професија економист, денеска, во Кривичниот суд во Скопје продолжи судењето за предметот „Државна лотарија“, во кој обвинети се поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, поранешниот директор на АД „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами, и уште шест лица.
Прашана дали таа целосно останува на изготвениот вешт наод и мислење, Поповска одговори потврдно.
– Предмет на ова вештачење е набавка на видеолотариски терминали за приредување игри на среќа. Постапката е спроведена од страна на „Државна лотарија“, анализата е од нивното планирање, донесувањето одлуки, понудите на економски оператори се разгледани, склучените рамковни спогодби, до реализацијата на одделните договори, испораката на опремата, извршените плаќања – појасни Поповска.
Третиот економски оператор, како што рече, бил избран во постапката за јавна набавка.
– Од расположливата документација, не се утврдени склучени одделни договори, ниту испорака, фактурирање или плаќање – додаде таа.
Одговарајќи на прашање, рече дека вкупно исплатен износ за набавката е 596.125.511 денари.
Адвокатот Асмир Алиспахиќ во изјава за медиумите појасни дека, денеска, во согласност со продолжението и динамиката на рочиштата, беше закажано распит на вешто лице што ги изработило вештиот наод и мислењето по барање на Обвинителството.
– Денеска, и сами бевте сведоци дека се поставија директни прашања што се надвор од содржината на самото вештачење, на кое и одбраната приговараше. Одбраната смета дека со вака поставените прашања, кои излегуваат надвор од наредбата што е издадена и одговорите што се дадени во самиот вешт наод и мислење, ова претставува всушност прашања што би требало да бидат поставени за некое друго вештачење, а не за ова – рече тој.
Прашан дали има нешто спорно во вештачењето и што е спорно според него, рече дека и вештото лице дава динамика, почеток, начин, дека според одбраната сè е во ред за постапката, јавните набавки и за исплатата на тие парични средства.
Прашан дали тоа значи дека вештачењето не е на штета на обвинетите, рече дека тоа ќе се утврди во понатамошниот дел од постапката.
– Сакам да ви укажам дека денеска поставените прашања од страна на предлагачите на вештиот наод и мислење и лицето што го изработило вештиот наод и мислење, излегуваа надвор од веќе дадените прашања што беа поставени во самата наредба и изготвеното вештачење од страна на вештото лице. Затоа и беа реакциите и затоа и беа приговорите. Но, ете, заради контекст на целиот предмет, беа дозволени одговорите, видовте дека се содржат одговори што се надвор од самото вештачење – истакна тој.
Со следење на главните расправи, рече, ќе се види за понатамошниот дел и нивните ставови за директните и вкрстените прашања за ова вештачење како и другите вештачења што ќе бидат предмет на оваа расправа.
Прашан дали има информација зошто не дојде актуелниот директор на „Лотарија“, рече дека во согласност со динамиката, смета оти денеска беше закажано од страна на Основниот кривичен суд испитување на вештиот наод и мислење, а за следните главни расправи ќе се извести јавноста кога ќе биде сослушан и тој.
Во предметот „Државна лотарија“, покрај Груби и Бајрами, обвинети се и Башким Авди, Методија Димовски, Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски и Александар Димитриоски. Според обвинението, со пречекорување на службените овластувања предизвикале штета на АД „Државна лотарија“ во износ од 596.125.511 денари. Сите обвинети во досегашниот тек на постапката се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.
Обвинението го застапуваат јавните обвинители Даниел Коцев и Александар Давчевски, а судската постапка ја води судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски.
ноември 11, 2026


