Свет
Кралот Чарлс ја предводеше церемонијата за оддавање почит на жртвите од војните
Кралот Чарлс денеска на церемонијата повод Неделата на сеќавањето им оддаде почит на загинатите во Првата и Втората светска војна, како и во подоцнежните конфликти, на која во центарот на Лондон присуствуваа илјадници ветерани.
Почит кон жртвите од војните прво беше оддадена со двоминутно молчење, пренесе весникот „Индепендент“.
Кралот Чарлс го зазеде централното место и го положи првиот венец кај споменикот Кенотаф, а по него венец положи и неговиот син, принцот Вилијам. Облечен во униформа на фелдмаршал, кралот салутираше додека се оддалечуваше од споменикот во Вајтхол.
Како што наведува весникот, неговиот венец беше многу сличен на оној што беше направен за кралот Џорџ VI, а се состоеше од 41 хартиен лист од цвет на афион поставени на подлога од црни лисја.
Синот на Чарлс, Вилијам, принцот од Велс, во униформа на потполковник на Кралската гардиска коњаница, исто така салутираше по полагањето на својот венец. Вилијам, кој во 2013 година ја заврши седумгодишната активна воена служба, во рамките на своите должности посебно се залага за положбата и добросостојбата на сегашните и поранешните припадници на вооружените сили, наведува „Индепендент“.
Венец положи и британскиот премиер Енди Барнам, заедно со истакнати политичари, меѓу кои беа лидерката на конзервативците Кеми Баденок, првиот човек на партијата Реформ УК Најџел Фараж, како и министерката за внатрешни работи Шабана Махмуд.
Во близина на Кенотаф стоеја девет поранешни премиери, меѓу кои Џон Мејџор, Тони Блер, Гордон Браун, лорд Камерон, бароницата Тереза Меј, Борис Џонсон, Лиз Трас, Риши Сунак и Кир Стармер.
Принцезата од Велс, Кејт, и кралицата Камила, двете облечени во црно, ја следеа церемонијата од централниот балкон на Министерството за надворешни работи, Комонвелт и меѓународен развој, кој гледа кон Кенотаф.
Околу 10.000 ветерани учествуваа по церемонијата во свеченото дефиле во организација на Кралската британска легија, а беа застапени повеќе од 300 организации, како од вооружените сили, така и цивилни. Меѓу ветераните се наоѓаа и десетина од последните преживеани учесници во Втората светска војна, од кои најстариот има 105 години.
ноември 9, 2026


