Свет
Најмалку 200.000 луѓе во Амстердам протестираа против политиката на Холандија кон Израел
Најмалку 200.000 луѓе се собраа денеска во Амстердам на протестот „Црвена линија“ поради политиката на холандската влада кон Израел, јавија локалните медиуми.
Многу од учесниците на протестот беа облечени во црвено и носеа транспаренти со пораки како „Слободна Палестина“ и „Не за холандската поддршка на апартхејдот“, пренесува НЛ Тајмс.
Маршот почна и заврши на плоштадот Музејплеин, каде што е поставена голема бина за говорниците, а учесниците минуваат по трасата околу паркот Вонделпарк. Демонстрантите бараат поодлучен однос на холандската влада кон Израел.
На протестот присуствуваат и поранешните холандски политичари Јоб Коен и Јозијас ван Артсен.
Ова е четврти пат како се организира протестот „Црвена линија“. На претходниот собир, одржан во октомври минатата година, учествуваа околу 250.000 луѓе. На денешниот протест учествуваат 13 организации, меѓу кои се Оксфам Новиб (Oxfam Novib), Амнести Интернешнл (Amnesty International) и Спасете ги децата (Save the Children).
ноември 9, 2026


