Свет
Фидан: Трговските маршрути не смеат да се претвораат во воени
Глобалните трговски маршрути мора да бидат заштитени од конфликти и политички притисоци и не смеат да се претвораат во воени рути – изјави денеска турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан, нагласувајќи дека инфраструктурата сама по себе не може да гарантира поврзаност и дека е време Турција да разгледа глобална иницијатива за нејзино зајакнување, јави „Туркије тудеј“.
– Маршрутите мора да бидат заштитени. Конфликтите мора да бидат ставени под контрола. Политичките спорови не смеат да ги парализираат системите што ги одржуваат глобалните економии – изјави Фидан на меѓународниот форум „ТРТ Ворлд форум 2026“ во Истанбул, организиран од турската државна радио-телевизиска корпорација ТРТ.
– Една трговска маршрута не може да се претвори во воена маршрута, како што видовме во Црното Море. Една енергетска врска не смее да се користи како инструмент за политички притисок. Еден тесен премин не смее да ги нарушува синџирите на снабдување и да влијае врз економиите на илјадници километри оддалеченост – нагласи шефот на турската дипломатија, додавајќи дека зголемената глобална поврзаност довела до поголем број тесни грла, додека енергетските и транспортните маршрути се намалуваат, што создава „структурна ранливост“.
Според него, земјите природно ќе се обидат да го заштитат својот пристап до клучните маршрути, пазари и ресурси, па кога тој пристап ќе стане несигурен, ризиците поврзани со зависноста ќе отстапат место на неизвесност и конкуренција, што не смее да се дозволи.
– Стратешкиот императив овде треба да биде транспортните врски да ги направиме поразновидни, поотпорни и поинклузивни – рече Фидан, повикувајќи на зајакнување на постојните маршрути преку ефикасни мерки и безбедносни институции, како и на диверзификација на коридорите за поддршка на глобалните синџири на снабдување.
Турскиот министер за надворешни работи, исто така, изјави дека Турција презела одговорност за регионалната политичка динамика. – Експанзионистичката политика на Израел, неговата континуирана агресија врз соседите и, ако го погледнеме масакрот во Газа, за жал, тоа се прашања на кои не им се посветува доволно внимание. Турција ја поддржува токму оваа визија. Нашата географска положба не ја гледаме само како мост меѓу континентите. Сметаме дека имаме стратешка одговорност. Географијата создава можности, но визијата, инфраструктурата и дипломатијата се тие што ќе ги претворат во реалност – заклучи Фидан.
ноември 8, 2026


