Connect with us

Политика

Мицкоски: Во Брвеница граѓаните ќе гласаат така како што им вели разумот

В недела во Брвеница граѓаните ќе гласаат така како што им вели разумот, а вие ќе се јавите да ни честитате, рече премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на пратеничко прашање поставено од пратеникот Скенде Реџепи, кој на собраниската седница говореше за амбиентот пред вториот круг на локалните избори во Брвеница и рејтингот на вледејачката партија.

Претседателот на Владата потсети дека скоро пред една година на избори граѓаните на Брвеница јасно се определија, го дадоа гласот на за жал прерано починатиот градоначалник Јовица Илиевски, а и сега на вонредните локални избори имаат предност над Националната алијанса за интеграција (НАИ).

– Во Брвеница е чудно како тоа славите пораз, бидејќи кандидатот што вие го поддржавте изгуби. Кандидатот на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата освои близу три илјади гласови, а кандидатот на Националната алијанса за интеграција (НАИ) имаше околу 900 гласови помалку, што значи тој кандидат загуби на изборите. Во дваесет години вие за Брвеница направивте нула проекти и резултатот од тие нула проекти е 10.000 иселени лица, а од нив 90 насто албанци. И сега одите по Европа и низ светот, коленичите и им викате вратете се во Брвеница да гласате затоа што не смеат кауриве да победат и да имаат свој градоначалник во Брвеница. Ги барате тие истите кои што избегаа заради вашето дваесет годишно владеење во Владата, истакна Мицкоски.

Пред пратениците во македонското Собрание, премиерот потсети на пораките што ги испраќал до граѓаните во Општина Брвеница во кои носечка е пораката да не се прават етнички поделби меѓу населението.

– Кога бев во Теново видов два божји храма, една џамија и една црква, една до друга. Таму ќе видите како верниците муслимани и православни христијани пред да влезат се ракуваат затоа што се соседи. Кога заврши првиот круг на предвремените локални избори, за жал предизвикани заради трагичен настан, односно прераната смрт на градоначалникот Јовица Илиевски, луѓе од коалицијата на НАИ излегоа и повикаа на етничко гласање, додека од ВМРО ДПМНЕ никој не побара да се гласа етнички. Напротив, мојата порака беше, ќе сакаат да ве делат по етничка основа, но немојте тоа да го дозволите бидејќи вие повторно ќе бидете еден до друг. Тие ќе си заминат бидејќи ова е нивната сламка за спас на нивната политичка кариера, а за вас е се’. Недозволувајте да влијаат луѓе од минатото, за вашата иднина. Тоа беше мојата порака до жителите Македонци, Албанци и останати жители. Тие што ве делат се луѓе за кои има основани сомневања за сторен криминал. Најголем дел од албанците со кои разговарав ми рекоа дека овие што не избркаа од тука, ги избркаа нашите братучеди, тетки, вујковци, чичковци кои се некаде на Запад, сега доаѓаат повторно да не делат. Дваесет години еден проект нема за Брвеница, а Христијан како претседател на Владата, Александар Николоски како потпретседател на Владата и министер за транспорт го градат патот за Гургурница, потоа МОН гради училиште во Челопек, се градат спортска сала и детска градинка во Челопек. Во 20 години претходната Влада шајка не закова во Брвеница и граѓаните тоа нема да го простат и нема да го заборават. На 2 ноември ќе чекам честитки за нашата победа во Брвеница, нагласи премиерот Мицкоски и додаде дека Владата прави се, односно тоа што тие не го направиле ниту почнале за 20 години, оваа Влада тоа го направи за 28 месеци.

Ad
Ad