Connect with us

Култура

Европски театарски дијалог во Скопје: свечено отворена Генералната асемблеја на „Еуродрам“

Во Театар Комедија вчера беше свечено отворена  Генералната асемблеја на „Еуродрам“, која од 27 октомври до 1 ноември се одржува во Скопје, меѓународен настан на кој, покрај домашната јавност, присуствуваа шеесетина гости од 28 држави,

Присутните ги поздрави директорот на театарот, Едмонд Сотир, а драматургот Дарко Јан Спасов го претстави новото издание „Каталог на македонски драми во избор на Еуродрам, 2001–2026“ од Иван Додовски, објавено од Театар Комедија со поддршка на Министерството за култура и туризам.

Каталогот содржи хронолошки преглед на 32 избори, со 30 различни драми од 18 македонски автори, како и посебен дел со биографии на 15 автори и подетални претставувања на 26 драми. Изданието на англиски јазик вклучува содржини и информации за премиери, преводи и авторски права. Некои од авторите застапени во каталогот беа присутни на неговата промоција во Театар Комедија.

– Каталогот содржи податоци за различни генерации автори, различни театарски јазици и различен начин на толкување на современиот свет,  истакна Спасов, додавајќи дека каталогот е наменет за преведувачи, режисери, издавачи, истражувачи и сите заинтересирани за македонското драмско творештво и неговото меѓународно претставување.

На отворањето беше претставено и изданието „Библиографија на драмски текстови од македонски автори преведени на странски јазици“, подготвено од Шенај Мандак.

Иван Додовски, претседател на „Еуродрам“, бо обраќањето посочи дека од основањето во Париз во 2001 година „Еуродрам“ прерасна во платформа која се протега низ Европа, Централна Азија и Медитеранот и денес спојува над 300 театарски професионалци од 34 јазични подрачја.

-Нашиот принцип е едноставен: меѓусебно ги читаме драмските текстови, даваме препорака за превод и им даваме поддршка да оживеат како печатено издание или со изведба на театарската сцена, истакна Додовски.

Во име на меѓународната мрежа „Еуродрам“, Додовски му врачи плакета на основачот, Доминик Долмие, во знак на благодарност за неговата визија и за 25 години посветена работа во областа на драмскиот превод и театарската уметност.

Долмие упати низа благодарности до личности со кои се познава и со кои соработувал, како Омер Калеши, Јордан Плевнеш, Иван Додовски, а искажа и солидарност со Светлана Петричук и Жења Беркович, театарски уметници што страдаат во некој руски затвор, како и со сите што страдаат по боиштата од Украина до Газа.

Во театарската програма вечерта беше изведена претставата „Ивона, принцезата на Бургунд“ од Витолд Гомбрович, во режија на Билјана Радиноска и Александар Ивановски, продукција на Театар Комедија.

Претходно, во текот на денот, во Европска куќа – Скопје се одржа работилницата „Занаетот на драмскиот превод“, наменета за избрани учесници. Ментори беа преведувачите Александер Зицман од Виена, Катерина Шекутковска од Скопје и Фроса Пејоска-Бушро од Париз, а модератори беа Дарко Јан Спасов и Иван Додовски од Македонскиот комитет на „Еуродрам“. Пред почетокот на работилницата на „Еуродрам“ за поддршката им беа врачени благодарници на Христина Стефановска од Гете институт – Скопје и Сузан Веселји Зука од ДААД – Германската служба за академска размена – Скопје.

Во рамки на програмата на „Еуродрам“ за денеска е предвидена панел-дискусијата „Драми преку границите: криза, отпорност и зајакнување“, организирана во партнерство со Канцеларијата на „Креативна Европа“ во Скопје, како и сценско читање на текстови во избор на „Еуродрам“, со модераторката Катерина Коцевска.

Седмицата на „Еуродрам“ и Генералната асемблеја се реализираат со поддршка на Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија, Гете-институт – Скопје, ДААД – Германската служба за академска размена – Скопје, Канцеларијата на „Креативна Европа МК“ и Европска куќа – Скопје, како и со придонесот на спонзорите и партнерите. 

Ad
Ad