Connect with us

Општини

Промовирана дигитална платформа за културно-историското наследство на Тетово

Во рамки на проектот „Smart Heritage Tetovo“ („Паметно наследство Тетово“) е изработена  дигитална платформа за културното-историско наследство на Тетово преку интернет порталот  https://tetova360.pertetoven.org/mk од страна на Здружението за општествен развој „За Тетово“.

На синоќешната промоција на проектот и порталот беше посочено дека со ова се доближува културното и историското наследство на Тетово до јавноста преку дигитална платформа, панорамски фотографии од 360°, содржини на четири јазици и QR-кодови. 

-Оваа дигитална платформа е една интерактивна мапа која обединува 11 од најважните историски, културни и религиозни споменици на градот Тетово — од Калето и Шарената џамија, до Арабати Баба Теќе, отоманскиот амам и традиционалните градски куќи. Секој споменик е проследен со детален опис на четири јазици — албански, македонски, англиски и турски — како и со панорамски 360° фотографии, кои му овозможуваат на посетителот да го истражи внатрешниот простор на секој објект без физичко присуство. Целта на проектот е дигитално зачувување и промоција на културното наследство на Тетово, правејќи го достапно за жителите, истражувачите и посетителите од целиот свет, истакна Елмедина Абдулахи од здружението. 

Презентација на проектот и демонстрација на дигиталната платформа изврши д-р Агон Мемети, додека историските содржини на проектот ги претстави Љуљета Абази – археолог, виш кустос и стручен соработник на проектот.

Дел од настанот беше презентација на резултатите од проектот и панел-дискусија за заштитата на културното наследство, дигиталната промоција и соработката меѓу институциите, стручните лица и заедницата на која зборуваа Беџхудин Шехапи– археолог и историчар на уметност, Нарона Љума Весели– археолог, Афет Јашари – претставник на Министерството за култура и туризам и Миќо Стојчевски директор на Музејот на Тетово. 

-Се работи за еден проект што првпат во Тетово се промовира. Презентирање на културно-историското наследство на дигитален начин со сите тие можности што ги нуди современата технологија е тренд сега во светот. Неопходно беше да имаме еден ваков проект и еден ваков пристап кон спомениците на културата кон културата и во Тетово. Ќе помогне да се развие културата и туризмот, ќе ги зближи различностите, изјави Бехиџудин Шехапи– археолог и историчар на уметност. 

Афет Јашари, претставник на Министерството за култура и туризам посочи дека одлуката да се поддржи ваков начин  на прикажување на културното насилство е поради тоа што платформата овозможува поврзување на луѓето на многу нивоа.  Тој најави дека и други пример на културно наследство во иднина ќе бидат дел од платформата.

Ad
Ad