Connect with us

Свет

Шефчович: Постигнат е договор меѓу ЕУ и Кина за ограничување на кинеските хибриди и извоз на ретки земни елементи

Европската Унија и Кина постигнаа договор за ограничување на увозот на кинески хибридни возила во ЕУ и за олеснување на пристапот до ретките земни елементи, соопшти денеска еврокомесарот за трговија Марош Шефчович. Тој оцени дека овој договор го означува успешното завршување на „првата фаза“ од преговорите, додека Брисел се залага за суштинско урамнотежување на трговските односи со Пекинг.

Договорот укажува на определба за дипломатско решавање на растечкиот трговски дисбаланс, но европските лидери бараат посилни мерки за обезбедување рамноправни услови за конкуренција. Се очекува тие да ги разгледаат деталите на самитот во Брисел следната недела. Покрај тоа, Европската Унија најави и можност за воведување возвратни мерки доколку постигнатиот резултат не ги исполни очекувањата.

Шефчович пристигна во Пекинг во средата, на дводневни интензивни разговори со својот кинески колега Ванг Вентао, со цел да се урамнотежат трговските односи меѓу ЕУ и Кина. Имено, Европската Унија се соочува со рекорден трговски дефицит со Кина, кој достигнува една милијарда евра дневно, додека напливот на евтин кинески увоз претставува закана за цели сектори на европската индустрија.

– Постигнавме заедничко разбирање за ограничување на извозот на хибридни и приклучни хибридни возила од Кина во Европската Унија. Ова отвора можност кинескиот извоз да се намали за повеќе од половина – изјави Шефчович.

Еврокомесарот рече дека договорот ќе го подобри и пристапот до кинескиот пазар за низа производи од ЕУ, од автомобилски делови до маслиново масло и обувки, чија сегашна извозна вредност изнесува речиси четири милијарди евра. Според него, тоа би требало да донесе заштеди од најмалку 225 милиони евра од царински давачки.

Шефчович соопшти и дека Кина се согласила да го олесни извозот на ретки земни елементи, кои се од суштинско значење за европските индустрии за зелени технологии, одбраната и автомобилското производство.

– Постигнавме заедничко разбирање за дополнително олеснување на кинеските извозни дозволи за ретки земни елементи и постојани магнети – изјави тој.

Европската Унија ја обвини Кина дека ја користи зависноста на Европа од кинеските ретки земни елементи како средство за притисок, откако Пекинг ги ограничи извозните дозволи во 2025 година, во услови на трговската војна со САД.

Пристапот до пазарите е во центарот на разговорите меѓу ЕУ и Кина од почетокот на преговорите во јуни минатата година. Пекинг досега не беше подготвен да се откаже од пристапот до единствениот пазар на ЕУ со 450 милиони потрошувачи, кој претставува излез за неговото прекумерно производство. Во меѓувреме, Брисел предложи неколку законодавни мерки насочени кон ограничување на пристапот на кинеските компании до европскиот пазар, истовремено вршејќи притисок врз Пекинг да го отвори својот пазар за компаниите од ЕУ.

Договорот е постигнат пред средбата на лидерите на ЕУ во Брисел следната недела, на која се очекуваат конкретни резултати од преговорите што Европската комисија ги води во име на земјите членки од јуни минатата година.

Во текот на неделава се забележува сè поголема усогласеност меѓу земјите членки на ЕУ во однос на Кина, бидејќи сите земји од Унијата сега имаат трговски дефицит со Кина. Во понеделникот Германија и Франција ја повикаа Европската комисија да преземе решителни мерки против нефер кинеските трговски практики што предизвикуваат сериозни нарушувања на пазарот. Во заеднички документ, Париз и Берлин повикаа на мерки што би можеле да вклучуваат „итно исклучување од единствиниот пазар, доколку е потребно“.

Во средата, пратениците во Европскиот парламент со убедливо мнозинство усвоија резолуција со која се бараат одлучни мерки против Пекинг. Во меѓувреме, 44 европски индустриски сектори, меѓу кои хемиската индустрија, машинството, металургијата, соларната индустрија, производството на стакло и цемент, во заедничка изјава објавена денеска предупредија дека Европа не може да ја одржи и развива својата индустриска база, да ги зачува квалитетните работни места и да привлекува инвестиции без можност ефикасно да одговори на нефер трговските практики и нарушувањата на пазарот.

Ad
Ad