Connect with us

Свет

Иран: Повлекувањето на САД од Ирак означува почеток на „протерувањето“ од регионот

Корпусот на Исламската револуционерна гарда на Иран денеска го поздрави повлекувањето на американските трупи од Ирак како историска победа и почеток на „протерувањето“ на Вашингтон од регионот и поширокиот исламски свет, јавува ДПА.

Повлекувањето беше „голем, значаен историски настан и огромно достигнување за оската на отпорот“, се наведува во соопштението на оваа моќна воена организација објавено денеска преку иранската агенција Тасним.

Пентагон вчера соопшти дека последните американски трупи го напуштиле Ирак, со што завршило повеќе од дведецениското американско воено присуство во земјата.

САД и сојузниците го нападнаа Ирак во 2003 година, кога беше соборен Садам Хусеин. Американските сили подоцна одиграа голема улога во борбата против терористичката група Исламска држава.

Ирачкиот премиер Али ал-Заиди го опиша повлекувањето како почеток на „нова фаза“, велејќи дека заминувањето на коалицијата предводена од САД значи дека Ирак постигнал целосен суверенитет.

Тој рече дека 1 октомври, исто така, го означува почетокот на планот за конечно ставање на оружјето под државна контрола, а процесот треба да биде завршен до 30 јуни 2027 година, пренесе германската агенција.

Моќните милиции поврзани со Иран требаше да бидат разоружани и интегрирани во ирачкиот државен безбедносен апарат, заедно со повлекувањето на САД, но некои од најсилните вооружени групи во земјата досега го отфрлија разоружувањето.

Техеран долго време се спротивставуваше на американското воено присуство во соседен Ирак и негуваше блиски врски со тамошните шиитски милиции, инкорпорирајќи ги во својата таканаречена „оска на отпор“ против САД и Израел, потсетува ДПА.