Connect with us

Свет

Русија протерува унгарски дипломати како реципрочен одговор на сличниот потег на Будимпешта

Русија ќе протера неодреден број унгарски дипломати како реципрочна мерка откако Унгарија протера 10 руски дипломати во септември поради активности неспоиви со нивниот статус, соопшти денеска руското Министерство за надворешни работи.

„Како реципрочна мерка, група вработени во унгарската Амбасада во Москва и унгарските генерални конзулати во Санкт Петербург и Казан мора да ја напуштат територијата на Руската Федерација во рок од две недели“, соопшти руското министерство.

Унгарија објави во септември дека протерува 10 членови на руската дипломатска мисија поради „неприфатливи активности“. Тоа е формулација што често се користи во дипломатски контекст како еуфемизам за шпионажа, иако Будимпешта не ја прецизираше природата на активностите за кои беа обвинети.

Тоа беше првиот официјално објавен случај на протерување на руски дипломати од Унгарија од 2018 година.

Унгарија тогаш изјави дека руските дипломати извршуваат активности што според Виенската конвенција не се прифатливи за лица со дипломатски статус и им беше наредено да ја напуштат земјата.

По одлуката на Будимпешта, Русија најави „остар и болен“ одговор.

Унгарија, членка на Европската Унија и НАТО, одржуваше блиски односи со Москва со години под водство на Виктор Орбан, а по руската инвазија на Украина во 2022 година, не им се придружи на голем број европски земји што протераа руски дипломати.

Новата влада на премиерот Петер Маѓар, која ја презеде власта по поразот на Орбан на парламентарните избори во април, се стреми да ги подобри односите со партнерите во Европската Унија.

Европската комисија претходно ја опиша одлуката на Унгарија да протера руски дипломати како очекувана реакција на она што го нарече континуирана кампања на Русија за хибридни напади насочени кон ЕУ и нејзините земји-членки.