Connect with us

Свет

Нетанјаху го нарече „херој“ пилотот по нападот во кокпитот на „Флај Дубаи“

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го пофали индискиот капетан на летот на „Флај Дубаи“ за Тел Авив како „вистински херој“, откако беше тешко ранет во напад извршен од неговиот копилот.

„И покрај тоа што беше избоден и тешко повреден, тој се спротивстави, даде отпор, ја отвори вратата од пилотската кабина и им овозможи на патниците и екипажот да го совладаат напаѓачот – спречувајќи катастрофална несреќа во воздух“, напиша Нетанјаху на Х.

„Тој ги спаси животите на 174 луѓе, меѓу кои израелски граѓани и државјани на други земји“, додаде израелскиот премиер.

Индиската амбасада во Саудиска Арабија, каде што авионот принудно слета, соопшти дека капетанот е во стабилна состојба.

Инцидентот во пилотската кабина се случи на летот на „Флај Дубаи“ од Дубаи кон Тел Авив, а израелската влада го опиша случајот како обид за џихадистички терористички напад, иако клучните прашања сè уште остануваат неодговорени, пренесе ДПА.

Нетанјаху претходно изјави дека еден од пилотите го избодел својот колега додека авионот се приближувал кон Израел, со очигледна намера да го урне авионот заедно со патниците.

Според извештаите, авионот потоа нагло понирал. Откако напаѓачот бил совладан, втор екипаж на „Флај Дубаи“ кој патувал во патничката кабина ја презел контролата и извршил принудно слетување во саудискиот град Табук.

Патниците подоцна беа пренесени од Табук во Тел Авив со заменски авион, каде што беа пречекани со овации.

Директен лет меѓу Саудиска Арабија и Израел е необична појава, бидејќи двете земји немаат дипломатски односи.

Жена која патувала со своите четири ќерки изјави за „Тајмс оф Израел“ дека се случиле „две чуда“: тоа што патниците влегле во пилотската кабина за да помогнат во запирањето на напаѓачот и тоа што во авионот имало дополнителни пилоти кои успеале да го приземјат авионот.

Нетанјаху подоцна се сретна со Јанив Хајун, еден од патниците кои влегоа во пилотската кабина.

Во видео од средбата објавено од американската телевизија Си-ен-ен, Хајун, облечен во облека испрскана со крв, опиша како тој и останатите го запреле наводниот напаѓач.

Хајун изјави дека мажот изгледал како да се обидува да го онеспособи авионот кога влегол во пилотската кабина. Тој рече дека го фатил наводниот напаѓач во зафат за гушење и го извлекол надвор од кабината.

Додека авионот сè уште бил во понирање, Хајун рече дека накратко ги фатил контролите и почнал да ги влече назад пред друг пилот да ја преземе командата.

На прашањето како знаел што треба да направи, Хајун се повика на телевизиска документарна серија за авионски несреќи.

Нетанјаху изјави дека наводниот напаѓач е уапсен и дека е под истрага од страна на саудиските безбедносни власти. Саудиските власти досега јавно не го коментираа инцидентот.

Засега нема потврдени информации за мотивот на осомничениот ниту за тоа што точно имал намера да направи.

Израелскиот информативен портал „Ynet“ јави дека копилотот осомничен за нападот бил од Оман.

Според првичната израелска проценка, се верува дека тој дејствувал сам, јави јавниот сервис „Кан“ (Kan), повикувајќи се на безбедносни извори. Во извештајот се наведува дека нема индикации дека зад инцидентот стои држава или терористичка организација.

„Флај Дубаи“ соопшти дека ги суспендираат летовите кон и од Израел додека траат истрагите.