Свет
Си-Ен-Ен: Рекламите на Трамп ги чинеа американските даночни обврзници најмалку 2,5 милиони долари
Телевизиските реклами на американскиот претседател Доналд Трамп досега ги чинеа американските даночни обврзници најмалку 2,5 милиони долари, додека за таа кампања се издвоени вкупно 20 милиони долари, јави Си-Ен-Ен.
Финансирањето за кампањата беше обезбедено преку Царинската и граничната заштита на САД (CBP), федералната агенција за спроведување на законот во рамките на Министерството за внатрешна безбедност на САД, на која претходно овој месец Канцеларијата за управување и буџет на Белата куќа ѝ додели 20 милиони долари .
CBP потоа ја ангажираше агенцијата LMD за национална медиумска кампања со иста вредност.
Според проценките на AdImpact, трите реклами на Трамп се емитувале 2.766 пати од 23 до 29 септември на Fox News и четирите главни американски телевизиски мрежи. Околу 30 проценти од проценетиот износ бил потрошен за емитување реклами за време на натпреварите од НФЛ и колеџ фудбал.
Бидејќи рекламите се класифицирани како „јавни најави“, а не како традиционална политичка реклама, точниот износ на трошоците не е објавен или проверлив. Проценките на AdImpact се базираат на датуми, термини на емитување, локални пазари и други фактори.
На крајот од секоја реклама стои пораката „Платено од Владата на САД“.
октомври 1, 2026
