Свет
Вајганд: Војната во Иран одзеде 3.400 животи, повредени се повеќе од 33.000 лица
Постојаната координаторка на Обединетите нации во Иран, Кристин Вајганд, денеска изјави дека 30 од 31 провинција во Иран се погодени од војната предводена од САД, која резултираше со смрт на повеќе од 3.400 цивили и повреда на повеќе од 33.000 лица.
Зборувајќи од Техеран на акредитираните новинари во ОН во Женева, Вајганд рече дека конфликтот предизвикал огромна штета на критичната инфраструктура низ целата земја, вклучувајќи ги здравствените установи, постројките за десалинизација и електричните мрежи, пренесува агенцијата ВАНА (WANA).
Таа се осврна на американскиот напад врз училиштето Минаб на 28 февруари и потсети дека во тој напад биле убиени голем број деца, наставници и родители.
Вајганд рече дека луѓето ги изгубиле своите најблиски, но и своите извори на приход и поради директните воени напади и поради економските последици од конфликтот.
Претставничката на ОН ги опиша своите забелешки по посетата на областите во Иран кои беа изложени на нападите, наведувајќи дека видела оти секојдневниот живот на локалното население е целосно нарушен.
Таа потврди дека многу Иранци ѝ рекле дека го одложуваат донесувањето важни животни одлуки, како и професионалните и личните планови, бидејќи не знаат што ќе се случи следно.
Таа потсети дека Иран со години наназад е под повеќекратни санкции, но истакна дека земјата сега се соочува со нова рунда санкции и посочи дека санкциите имаат реални последици, како врз Иранците, така и врз партнерите на ОН, но и врз работата на светската организација на терен.
октомври 1, 2026
