Живот
Швајцарски археолози ги менуваат римските мапи по откривање траги од одамна закопани археолошки остатоци
Швајцарските археолози ги менуваат мапите на римска Швајцарија, откако овогодишните топлотни бранови и сушата открија траги од одамна закопани археолошки остатоци.
По пријава од минувач, археолозите во кантонот Во започнале секојдневно да ги снимаат со дрон полињата околу Авентикум, некогашниот главен град на римска Хелвеција. Снимките откриле досега непознати или недоволно разјаснети траги од термални бањи, куќи, патишта и можен храм. Голем дел од нив се наоѓаат во делови од античкиот град кои никогаш претходно не биле ископувани.
– Ова се најбогатите откритија во последните 50 години, односно барем во последните две генерации археолози – изјави Жордан Анастасов, археолог во кантонот Во.
Петчлениот тим археолози ги внел новите сознанија на постојните мапи со виолетова боја, пополнувајќи ги досега празните простори и исправувајќи ги претходно погрешно означените структури.
Феноменот овозможува откривање скриени археолошки локалитети преку исушени траги што се појавуваат кога вегетацијата над закопаните ѕидини почнува да венее. Некои од трагите снимени во периодот од јуни до август исчезнале по косењето на полињата и со падот на температурите. И покрај тоа, работ на новооткриениот базен во комплексот термални бањи сè уште може да се забележи на делумно исушеното поле со детелина.
– Нашата цел е да ги претставиме откритијата пред нашите колеги, а подоцна би можеле да продолжиме со ископувања на дел од новооткриените локалитети – велат археолозите.
Овогодишните топлотни бранови и суши, кои ги погодија Швајцарија и Европа, на други места и на речните дна открија и остатоци од историски бродови и артефакти од Втората светска војна, кои засега потешко се толкуваат поради нивната изолираност.
октомври 1, 2026
