Живот
Имунологот Унутмаз од САД: Издржете уште 10 години, потоа ракот ќе биде целосно излечив, а староста ќе биде реверзибилна
Прашањето веќе не е дали ќе ги излекуваме застрашувачките болести како ракот, туку колку бргу технологијата ќе ни овозможи целосно да го вратиме биолошкиот часовник наназад. Истакнатиот имунолог и истражувач на процесите на стареење, д-р Дерја Унутмаз (Dr. Derya Unutmaz – истакнат професор по имунологија со турско потекло, кој работи во лабораторијата „Џексон“ за геномска медицина (The Jackson Laboratory for Genomic Medicine) во Фармингтон, Конектикат, САД), во своето гостување во светски познатиот поткаст FoundMyFitness кај д-р Ронда Патрик (Dr. Rhonda Patrik) отвори преседанска дебата за тоа како вештачката интелигенција (ВИ) го менува сфаќањето за медицината, онкологијата и долговечноста. Унутмаз еден од ретките светски научници и имунолози што имаат директна соработка и пристап до најнапредните, сè уште нејавни модели на вештачка интелигенција на „Опен ВИ“.
Неговата порака до сегашната генерација е повеќе од директна: „Ова е веројатно најкритичниот период во човечката историја: затоа обидете се да не умрете во следните 10 години“.
Парадоксот наречен рак: Зашто е толку тешко да се излекува?
Една од најголемите заблуди кај пошироката јавност е третирањето на ракот како единствена изолирана болест.
„Ако се заразите со бактерија или вирус, тие може да ве убијат, тие се исклучително опасни, но ние сме способни да ги препознаеме како непријател, како закана и можеме да се бориме. И исто така можеме да ги целиме многу специфично, како што имаме антибиотик што ќе дејствува само на бактеријата. Нема да ги допре вашите нормални клетки бидејќи тоа е туѓ организам. Но ракот не е таков. Значи, ако се обидам да го запрам ракот со нешто, јас исто така се обидувам да запрам и некои други клетки кои се нормални. Затоа луѓето ја губат косата, нивниот имунолошки систем е значително ослабен… и несаканите ефекти од хемотерапијата понекогаш се полоши од самиот рак“, објаснува д-р Унутмаз.
Револуцијата доаѓа со имунотерапијата и персонализираната медицина, каде што имунолошкиот систем се тренира да ги препознае канцерогените клетки, кои вешто се кријат.
„Тие се како терористи. Терористот нема да го препознаете дали е непријател или не. Изгледа како вас, тука е меѓу вас… Така и ракот, едноствано влегува. Па имунолошкиот систем мисли дека клетката на ракот на дојката не се толку разликува од нормална клетка. Ако можеме да го научиме имунолошкиот систем или да отстраниме некои од кочниците што ги има во регулацијата и да му дозволиме да ги препознае и нападне клетките на ракот, тогаш тоа би можело да има огромен ефект. Тоа беше хипотезата и, всушност, функционира. Мислам дека имунотерапијата за рак сега е помоќна од хемотерапијата и радиотерапијата заедно“.
Следниот чекор се паметните лекови, CAR-T терапијата и mRNA-вакцините, кои се синтетизираат според специфичната мутација на секој поединечен пациент.
„Ако ги земам тие мутации и синтетизирам РНК и потоа ја вратам како вакцина и го тренирам мојот имунолошки систем: ‘Види, ако ги видиш овие мутации во овие гени, тоа е непријател, оди уништи го’ – тоа е mRNA-вакцина. И тоа станува извонредно моќно бидејќи сега го насочувате вашиот имунолошки систем кон внатрешна закана што е само во вас… Го гледаме светлото на крајот од тунелот. Ракот ќе биде 100 % излечив веројатно за помалку од една деценија“, убедлив е докторот.
Вештачката интелигенција како катализатор
Сепак, според докторот, вистинската транзиција од традиционална медицина кон дигитална ера ќе се случи преку концептот на т.н. дигитални близнаци (Digital Twins).
„Сега се сè уште потребни години за да се тестира на луѓе. Решението за тоа ќе биде она што го нарекувам дигитален близнак. Идејата е следна: ако имаме огромни количини биолошки податоци (петабајти податоци) и кога ВИ ќе симулира цел биолошки организам – не само вашиот фенотип, туку и вашиот метаболизам, имунолошки систем, микробиом и генетика – тогаш можеме да го поставиме прашањето: ‘Ако му го дадам овој лек на овој човек, каков ефект ќе има? Дали ќе има несакани ефекти или ќе биде ефикасен…? Буквално можеме да го скратиме времето на клиничките испитувања од години на неколку месеци или дури недели. Испитувањата ќе можете да ги правите на многу мал број пациенти бидејќи ВИ ќе ви каже: ‘Кај овие луѓе овој лек ќе биде 100 % ефикасен’. Ќе дојдеме до точка на третман на барање (treatment on demand): одите кај ВИ-модел, тој го анализира вашиот геном, нарачува мал молекул или третман создаден само за вас до фабриката за производство и следната недела го добивате лекот и се лекувате“, објаснува д-р Унутмаз.
Предвидување на болестите со децении однапред
Здравствениот систем денес не го штити здравјето, туку реагира дури кога болеста ќе манифестира симптоми. Д-р Унутмаз алармира дека овој концепт мора фундаментално да се промени.
„Ние велиме здравствена заштита (health care), но ние немаме здравствена заштита – имаме грижа за болните (sick care). Никогаш не се грижиме за здравите луѓе. Не одите кај лекар за да кажете: ‘Колку сум здрав?’ или ‘Може ли да ми го проверите имунолошкиот систем, дали сум здрав, дали ќе добијам рак?’ Тие нема да може да ви одговорат на ова прашање. Само ако се разболите, ќе го лекуваат проблемот… Превентивната медицина ќе биде апсолутно критична. Мислам дека повеќето болести може да се спречат. Некои се чиста лоша среќа, но многу од нив се поради вашите гени и може да се спречат. ВИ ќе биде неверојатна во тоа бидејќи веќе го прави тоа. Имаше една студија од UK Biobank – тоа е неверојатна банка на податоци со 500.000 луѓе. Зедоа голем дел од тие податоци и беа во можност да предвидат речиси илјада болести пред да се случат. Ракот не се развива за неколку дена, потребни се години. Веројатно сите ние имаме некои канцерогени клетки што ги контролира имунолошкиот систем, но ВИ дури и со 100 % точност ќе може да каже: ‘Види, ако продолжиш со овој начин на живеење, твоите шанси да ја добиеш оваа болест се 85 %’“, објаснува докторот.
Етичка должност и лекарска грешка
Со оглед на тоа што напредните ВИ-модели покажуваат супериорни резултати во дијагностиката во споредба со просечниот специјалист, непосегнувањето по овие алатки од страна на медицинскиот персонал набргу ќе се третира како професионален пропуст.
„Секоја година само во САД има приближно 12 милиони погрешни дијагнози, а речиси 700.000 луѓе страдаат или умираат поради тоа. Некои од нив се поискусни грешки што секој доктор би ги пропуштил, но ВИ сега нема да ги пропушти. Замислете да одбиете да користите МР или КТ-апарат бидејќи велите: ‘Тоа е премногу технологија, јас само ќе направам обичен рендген бидејќи тоа ми е доволно’ и поради тоа пропуштите тумор. Некои модели на ВИ се способни да откријат одредени тумори, како рак на дојката, со години пред радиолог да може да ги види. Ако го пропуштите тоа, тогаш тој човек ќе умре. За мене, тоа е медицинска грешка бидејќи технологијата е на тоа ниво сега. Не беше грешка ако пропуштите рак пред 5 години бидејќи ја немавме оваа технологија, но сега ја имаме и лекарите, дефинитивно, треба да ја користат“, дециден е докторот.
Враќање на биолошкиот часовник
Најфасцинантниот сегмент од истражувањата на д-р Унутмаз се однесува на подмладувањето.
„Нашиот ум размислува во линеарни рамки. Мислиме дека следните 10 години ќе бидат напредни исто колку што беа последните 10 или 15 години. Но тоа не е она што ќе се случи. За следните 10 години можете да размислувате како за поголем напредок од целиот изминат век. Замислете да живеевте во раните 1900-ти и некој да ви кажеше дека ќе имаме вакцини и никогаш нема да добиете големи сипаници или туберкулоза – луѓето ќе ви се смееја… Поради ова забрзување, третманот на болестите драматично ќе се забрза. Ќе дојдеме до точка што се нарекува longevity escape velocity (брзина на бегство од долговечноста). Поентата е дека во следните 8-10 години ќе дојдеме до момент каде што секоја година што ја живеете ќе додава повеќе од една година на вашиот живот. Да речеме, за 10 години ќе добиете рак, кој нормално не е излечив, и имате уште само 1-2 години живот. Но во текот на таа година ќе се појави нов третман што ќе го излекува тој рак. Така тоа автоматски ќе додаде неколку години или можеби 10-15 години на вашиот живот“.
Што се однесува до биолошката старост, науката веќе располага со докази дека стареењето не е неизбежен еднонасочен процес, туку информациски дефект, кој може да се репрограмира.
„Ако имате 20 или 30 години, нема да стареете повеќе бидејќи тоа ќе биде константно враќање. Но за луѓето што веќе остареле, ако имате 80 или 90 години, тогаш ќе мора да го вратиме тој процес назад. Тоа е потешко, но, дефинитивно, ќе можеме да го направиме… Во лабораторија го правиме тоа цело време. Кога беа откриени Јаманака факторите, знаевме дека можеме целосно да ја избришеме староста на клетката на клеточно ниво и да ја вратиме на матична клетка… Ова е револуционерно бидејќи повеќето ваши стари клетки во кожата или органите ќе можете да ги претворите во нивна помлада верзија“, вели оптимистички д-р Унутмаз
октомври 1, 2026
