Вести
Пенкса: Секој фемицид може да се спречи доколку сме подготвени да видиме што пропуштил системот
Спречување фемицид бара должна почит и координирани активности кај сите институции и сектори – истакна денеска заменик-шефица на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Сузан Пенкса, на завршниот дел на дводневната регионална конференција за фемицид во Југоисточна Европа, што се одржа во Собранието.
– Секој фемицид може да се спречи, но само доколку научиме и сме подготвени да видиме што пропуштил системот. Мора да ги препознаеме обрасците на насилство, да ги направиме жртвите видливи, а ги нема во официјалните податоци, да го разгледуваме секој случај преку родова перспектива и да се прашаме дали институциите дејствувале со должна почит. Така секој случај ќе го направиме во научена лекција и ќе го спречиме следниот фемицид – смета Пенкса.
Оние што се први на терен – полицијата, обвинителите, судиите – мора да бидат способни родовиот мотив да го препознаат уште од самиот почеток.
– Доколку не ги видат овие индикатори, може да ги пропуштат оние обрасци на насилство и можностите да се спречи да има нова жртва – рече амбасадорката на ОБСЕ.
Како втор заклучок таа посочи на имлементацијата на законите, но и надзорот како тие се спроведуваат и дали навистина се штитат жените од насилство.
– Законот ги штити жените само кога се спроведуваат во пракса. Собранијата имаат важна улога во надзор врз нивното спроведување, да имаат јавни расправи, да вршат мониторинг, да има систематско следење и да бидат сигурни дека институциите ги имаат потребните ресурси и средства за да дејствуваат – рече Пенкса.
Граѓанските организации со својата независност и посебна експертиза, додаде таа, мора да имаат свој глас во овој процес.
На вториот ден од конференцијата беше посочено дека националните влади треба да посветат внимание на собирање на податоците за фемицид, како и тоа да биде во согласност со статистиката што ја водат Обединетите нации. Тоа, како што беше нагласено, ќе помогне за анализа на состојбите во земјите и преземање соодветни активности.
Заменик-шефицата на ОБСЕ во Скопје во еден од заклучоците рече дека податоците се важни, но дека нивната вредност е во она што ни помагаат да откриеме. Пенкса укажа дека исто така е значајна и меѓуинституционалната соработка.
– Таа тема ја слушнавме во текот на сите панели. Соработката вклучува споделување информации и подготвеност да научиме од претходните искуства и исто така потребна е политичка волја да се сменат политиките и практиките што не ги унапредуваат напорите за превенција. Препораките што беа презентирани вчера и денес ќе ни дадат основа за нашата натамошна работа на национално ниво, како и за натамошен регионален дијалог и заемно учење – рече заменик-шефица на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Сузан Пенкса.
Некои од учесничките на конференцијата ја нагласија потребата за психолошка поддршка на децата на жртвите на фемицид и на семејно насилство со цел во иднина да не го повторат истиот образец.
Беше предложено на следната конференција да бидат повикани учеснички од Шведска или Финска да ги споделат искуствата со оваа проблематика.
Дводневната регионална конференција за фемицид во Југоисточна Европа беше во организација на Мисијата на ОБСЕ во Скопје
септември 29, 2026
