Вести
Кардиоваскуларните заболувања на прво место меѓу причините за смртност во Македонија
Од болести на кардиоваскуланиот систем минатата година починале 6.888 лица, со стапка на смртност од 378,4 на 1.000 жители. Овие заболувања учествуваат со 34 отсто од вкупниот морталитет и се на прво место меѓу причините за смртност – изјави денеска директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска. Таа додаде дека поради тоа, денеска, кога се одбележува Светскиот ден на срцето, од ИЈЗ спроведуваат бесплатни прегледи за населението (кои опфаќаат совети од стручни лица, мерење притисок, шеќер, висина, тежина), со цел подигнување на свеста за заболувањата на срцето, односно кардиоваскуларни заболувања, бидејќи сите претставуваат водечка причина за смртност во светот.
Една од дејностите на Институтот за јавно здравје, посочи таа, е превенцијата, подигнувањето на свеста за ризиците од одредени заболувања од јавно-здравствен интерес.
– Со ваквите активности сакаме да ја подигнеме свеста за раната превенција, бидејќи превенцијата е клучна, и да испратиме порака да се избегнуваат ризиците што може да придонесат до тоа, а тоа се високиот крвен притисок, високиот шеќер, промените во телесната тежина (односно зголемување на телесната тежина), недоволна физичка активност и други фактори што може да укажат на тоа. На денешната наша теренска активност луѓето може бесплатно да добијат совети од стручни лица, да измерат притисок, шеќер, висина, тежина, да добијат совети како навремено и превентивно да реагираат, односно да се грижат за сопственото здравје поврзано со нивното срце, т.е. со кардиоваскуларните заболувања – рече Андоновска, која, меѓу другото, се му заблагодари на министерот Клековски за реализацијата на оваа едукативна теренска активност, која е дел од националната буџетска програма одобрена од Министерството за здравство.
Пунктот за бесплатни прегледи го посети министерот за здравство Сашо Клековски, кој изјави дека кардиоваскуларните заболувања и смртноста од нив се еден од најголемите предизвици во земјата, регионот и во светот, а Македонија и регионот имаат двапати поголема предвремена смртност отколку Европа.
– Нашиот фокус треба да бидат кардиоваскуларните заболувања бидејќи тие се еден од главните контрибутори за предвремена смртност на луѓе на возраст меѓу 30. и 70. година кога очекуваниот животен век е 75 години. И тоа што е многу важно, сите овие работи може да се превенираат и рано да се откријат со едноставни работи. На пример, мерењето притисок, тоа е едноставна работа, само треба да ја практикуваме бидејќи високиот крвен притисок е еден од најтивките убијци, условно да кажам, кој влијае и на срцевото здравје, и на бубрежното здравје, и на мозочното здравје. Заедно со нерегулираниот дијабетес стануваат главни контрибутори во срцеви, мозочни и бубрежни заболувања, -рече Клековски.
Упати апел до луѓето да го прават тоа секој ден.
– Јас ги мерам мојот притисок и мојата тежина секој ден наутро за да знам дали осцилира. Сѐ што е повеќе од 120 со 80 притисок треба да го регулирате. Ако долниот притисок е над 90, задолжително пијте терапија. Терапијата не треба да се користи само ако не се чувствувате добро, таа мора редовно да се користи. Тие се кратките и едноставни препораки од некој што има висок крвен притисок и кој го мери секојдневно и ја прима терапијата редовно – додаде Клековски.
Во врска со тоа дали се планираат задолжителни прегледи, мерки, промена во систематските прегледи со цел навреме да може да стигнат тие ризични категории до лекарска помош, тој посочи дека мора многу почесто да се говори на таа тема бидејќи присилните мерки не ги даваат саканите ефекти. Потенцира дека тие работи ниту земаат многу време ниту се скапи за да не може да се применат и мора многу повеќе да разговараат и да бидат присутни на терен.
– Нема ништо страшно, нема ништо лошо, овие работи може многу едноставно да се третираат. Од друга страна, мислам дека систематските прегледи, кои го опфаќаат работоспособното население, што е одлична идеја, имаат многу формална имплементација, вклучувајќи и неследење на резултатите од нив. Во претстојната измена на Законот за медицинските евиденции ќе погледнеме, прво, како тие резултати да бидат интегрирани во досието на секој пациент за да не бидат изгубени по нивното правење. Второ, да видиме дали на нив можеме да додадеме евтини, пристапни процедури, кои може да помогнат во раното откривање одредени состојби, и не само на кардиоваскуларни, туку и на други состојби, бидејќи најголемиот трошок со систематскиот е самото одење на доктор. Тогаш да видиме дали можеме нешто повеќе да направиме – рече Клековски.
Одговарајќи на новинарско прашање за тоа колку се свесни граѓаните за својата кардиоваскуларна состојба, истакна дека премногу се потпираме на чувството дека сме добро, без да правиме проверки.
– Високиот крвен притисок не мора да го почувствувате, високиот шеќер во крвта не мора да го почувствувате или може да го почувствувате релативно доцна кога веќе почнуваат штети врз критични органи. Затоа е неопходна одредена дисциплина во контролата на работите. Сега веќе мерење притисок или мерење шеќер се широко достапни и релативно евтини методи. Сакам да ја обновам расправата за воведување на достапноста на овие методи и во аптеките. Тоа е еден предлог што стои повеќе од две години застанат и заборавен. Мојата цел е секаде каде што има едуциран здравствен работник, без разлика дали е медицинска сестра, доктор, фармацевт, да се даде можност да се прават едноставните контроли. Зборуваме за мерење притисок, гликемија, кои можеме и самите да ги направиме. Не ни треба медицинска сестра или доктор да го направи тоа – рече Клековски.
Во врска со тоа како би изгледало ова, појасни дека, на пример, во Жировница има аптека, а нема лекар, може да се овозможи мерење притисок и шеќер во крвта и тоа да биде дел од услугите што ќе бидат законски овозможени.
– Во основа, еден систем, кој беше заснован за да вработиме повеќе доктори и медицински сестри, веќе не е одржлив бидејќи ниту едното, а посебно медицински сестри ќе нема. Значи, тогаш треба да видиме што сѐ е достапно како здравствени капацитети и да го ослободиме за употреба. Јас сум го говорел тоа и во други пригоди: ако има доктор – доктор, ако има сестра – сестра, ако има фармацевт – фармацевт. Значи, има законска можност, треба да се регулираат условите и стандардите на тоа правење. И ова не е ништо страшно бидејќи некои од овие тестирања се и самотестирања. Тенденцијата на фармацевтската индустрија ќе биде сѐ повеќе да има самотестирања поради недостигот на здравствени капацитети. Тоа што нема доктори, нема сестри, нема термини не е само наш проблем, тоа е европски и глобален проблем. Ќе мора да разговараме на оваа тема многу, да ги ослободиме сите капацитети и да поттикнуваме редовни контроли – истакна Клековски.
Законот, појасни, тоа го овозможува, правилникот треба да се донесе, да се определат стандардите како би се одвивало тоа. Посочи дека планира многу бргу да ја обнови дискусијата во врска со тоа.
Одговарајќи на новинарско прашање дали тие мерења на притисокот и на шеќерот во крвта би биле во сите аптеки, рече: „Не, треба да се одредат стандардите“.
Во врска со тоа колку граѓаните се заинтересирани за контролите, рече дека е малку и самокритичен.
– Ние автомобилите ги носиме секоја година на регистрација и на техничка контрола и плаќаме мислам повеќе од 10-15 илјади денари за тоа, а некако ни е тешко да појдеме нашата техничка контрола да ја направиме. Значи, мора да си ги вреднуваме животите повеќе бидејќи самите ако не си ги вреднуваме, не можеме да очекуваме некој друг да го прави тоа. Значи, мора да говориме за тоа, мора да најдеме некој модел да ги менаџираме главните ризици: стрес, исхрана, алкохол, цигари…, така што мора да говориме многу повеќе на овие теми – додаде Клековски.
септември 29, 2026
