Свет
„Политико“: Земјите членки на ЕУ се сè уште далеку од договор за новиот седумгодишен буџет
Земјите членки на Европската Унија и натаму се далеку од договор за новиот седумгодишен буџет за периодот од 2028 до 2034 година, а разликите меѓу нив во однос на обемот на расходите и распределбата на средствата остануваат големи.
Преговорите за Повеќегодишната финансиска рамка влегле во сериозен ќорсокак и сè помалку се извесни шансите за постигнување конечен политички договор до крајот на 2026 година, објави „Политико“, повикувајќи се на германски дипломатски документи. Според наводите од германските дипломатски депеши, за време на неодамнешните разговори на министрите практично не било идентификувано ниту едно од големите спорни прашања за кое во овој момент би можел да се постигне компромис.
Во центарот на спорот се прашањата колку вкупно треба да троши Унијата, од кои извори ќе се обезбедат средствата и како тие ќе се распределат меѓу традиционалните политики, како што се земјоделството и кохезијата, и новите приоритети, кои ги опфаќаат одбраната, безбедноста и конкурентноста. Европската комисија предложи финансиска рамка во вредност од речиси два трилиони евра, односно околу 1,26 отсто од просечниот бруто-национален доход на ЕУ во периодот од 2028 до 2034 година.
Официјално, Советот на ЕУ и ирското претседателство и натаму наведуваат дека целта е договорот да се постигне до крајот на годината. На состанокот на Советот за општи работи одржан на 22 септември, министрите повторно разговараа за нацрт-рамката, додека Ирска, која претседава со Советот на ЕУ во втората половина на 2026 година, соопшти дека продолжува да работи на приближување на ставовите.
Европскиот совет уште во јуни побара од ирското претседателство да постигне напредок до октомврискиот самит, со оценка дека постигнувањето договор до крајот на годинава би овозможило придружното законодавство да биде усвоено во текот на 2027 година.
Конечниот договор ќе биде можен единствено со едногласна согласност од сите земји членки во Советот, по што ќе биде потребна и согласност од Европскиот парламент. Новата финансиска рамка треба да стапи во сила на 1 јануари 2028 година.
септември 28, 2026
