Регион
Плеврис: Целта е за време на грчкото претседателство со ЕУ да функционира центарот за враќање мигранти
Сметаме дека се отвора рамката, за време на грчкото претседателство со Европската Унија да функционира „return hub“, односно центар за враќање на мигранти во земја во Африка, посочи министерот за миграција и азил на Грција Танос Плеврис во интервју за телевизијата „Антена“, јави дописничката на МИА од Атина.
Плеврис објасни дека веќе е одбрана и одредена африканската држава каде што ќе биде центарот за враќање, но посочи дека засега не може да открие за која земја се работи и истакна дека целта е да почне да функционира за време на грчкото претседателство со ЕУ во втората половина на 2027 година.
За конкретната тема, в четврток ќе одржат нов состанок петте земји од „Core Group“ што ја промовираат оваа инцијатива, односно Германија, Холандија, Данска, Австрија и Грција, а ќе присуствува и директорката на Меѓународната организација за миграција.
Дополнително, Плеврис во интервјуто се осврна и на грчка позиција за вонредниот механизам за поддршка, иницијатива на премиерот на Грција Киријакос Мицотакис, која, според министерот, е прифатена и од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
– Го користиме нашето искуство од Еврос кога беше спречено да се случи она што се случи во Сеута и тоа е важно. Им објаснуваме на Европејците дека во моменти на криза треба да се преземаат мерки надвор од вообичаената рамка. Овие мерки се однесуваат на зголемен надзор и суспендирање на постапката за азил и во случаите кога имаме инструментализација, а тоа го искусивме со масовните миграциски бранови кои тогаш ги спречивме, не само што не треба да се разгледува барањето за азил, туку треба директно да се издаде решение за враќање и да се спроведе итно враќање, објасни Плеврис.
Додаде дека оваа позиција официјално ќе биде претставена в четврток на состанокот на Советот за внатрешни работи на ЕУ во Луксембург.
септември 28, 2026
