Connect with us

Општини

За два часа изгаснат пожар во отпад за возила во Тетово

Тетовската пожарникарска единица интервенираше околу два часа за да се изгаси пожар што избувна околу 12 часот и 45 минути во отпад во Тетово веднаш до бензинската станица на Макпетрол на источниот дел од градот на излез кон Скопје. 

Командирот на Територијална противпожарна единица Тетово, Авни Амети информираше дека поради близината на бензинска станица освен за гаснење се преземени дејствија со цел да се спречи ширење на огнот кон соседните објекти.  

-Други објекти околу пожарот не се загрозени, пожарот е ставен под целосна контрола. Вклучени сите биле 25 пожарникари што ги имаме на смена, мислевме дека ќе биде поголемо нешто, но на терен видовме дека може да го ставиме под контрола – изјави Авни Амети. 

Според Амети, утврдено е дека горат гуми и отпад од возила. Причините ќе бидат познати по целосно ликвидирање на пожарот. 

Компанијата Макпетрол помогна во гаснењето на пожарот со активирање на обучени вработени за гаснење пожари од Штабот за заштита и спасување при складот за течен нафтен гас Гостивар. 

-Со активирање на надворешната хидрантска мрежа, вработените во бензинската станица како и обучените луѓе од просторини сили на Штабот, помогнавме да се изгаси пожарот, изјави Јовица Шуменковски, началник на секторот за безбедност во Макпетрол

На местото од пожарот увид направија и општински инспектори.