Скопје
Седмиот Скопски градски фестивал завршува со концерт на словенечкиот саксофонист Васко Атанасовски и „Полифонија“
Со концертот на словенечкиот саксофонист и композитор Васко Атанасовски и „Полифонија“, в петок, 25 септември, ќе заврши седмото издание на Скопскиот градски фестивал, во организација на „Баги комуникации“.
Атанасовски зад себе има богата меѓународна концертна и дискографска кариера, како и препознатлив авторски јазик, во кој се среќаваат џезот, импровизацијата и музичките традиции на Балканот. Со „Полифонија“, во чиј состав се македонските музичари Сања Шуплевска – виолина, Гоце Вангеловски – виолина, Кристина Стојановска – виола, Александра Јаневска – виолончело и Гоце Маротов – контрабас, ќе изведе свои авторски композиции и музика инспирирана од балканското музичко наследство.
Влезниците за Васко Атанасовски и „Полифонија“ се достапни онлајн на платформата Wayin.mk.
– Ова издание на фестивалот можеби најдобро покажа што сакаме да биде Скопски градски фестивал – место на кое не се носат само готови концертни програми, туку се создаваат нови музички средби и соработки. Особено нè радува што видовме извонредни музичари од разни генерации и од шест земји на иста фестивалска сцена, а публиката со еднакво внимание ги следеше многуте концертни програми – велат од „Баги комуникации“.
Седмиот Скопски градски фестивал почна на 18 септември со настап на пијанистката Милјана Николиќ, која го претстави проектот „Балкански композитори“, а самостоен настап имаше и македонскиот гитарист и мултиинструменталист Мухамед Ибрахими. На 19 септември македонскиот виолончелист Антонио Илиоски и бугарската пијанистка Јана Василева-Лолова одржаа концертна промоција на албумот „Надвор од тишината“, да на 20 септември настапија македонскиот контрабасист Мартин Ѓаконовски, албанскиот пијанист и композитор Гент Руши и грчкиот хармоникаш Танос Ставридис. Истиот ден на летната сцена „Лепеза“ во Градскиот парк концерт имаше и младата скопска група „Фрекфенција“, составена од ученици од основно училиште.
Основан во 2020 година, Скопскиот градски фестивал во своите седум изданија изгради препознатлив програмски идентитет и свое место на домашната културна сцена. Повеќе од 100 уметници од Македонија и регионот досега биле дел од фестивалот, кој низ годините иницира премиерни концертни проекти, нови уметнички соработки и средби на музичари останувајќи доследен на идејата за квалитетна програма и отворен културен дијалог во регионот.
Скопскиот градски фестивал е поддржан од Град Скопје, Амбасадата на Република Словенија во Македонија и неколку компании.
септември 23, 2026
