Архива
Сулејмани и Ерсој во Анкара: Нови можности за соработка во културата и туризмот
Во рамките на официјалната посета на Анкара, денеска министерот за култура и туризам Седат Сулејмани оствари средба со својот турски колега, министерот за култура и туризам на Република Турција, Мехмет Нури Ерсој.
Средбата, како што соопшти Министерството за култура и туризам, поминала во исклучително срдечна и пријателска атмосфера. Двајцата соговорници разговарале за билатералните односи меѓу Република Северна Македонија и Република Турција, како и за потенцијалите за нивно понатамошно продлабочување, особено во областите на културата и туризмот.
Министрите ги размениле своите согледувања и планови во врска со делувањето на Културно-информативните центри во Скопје и Истанбул, актуелните проекти, меѓу кои и изградбата на Турскиот театар во нашата држава, како и активностите насочени кон интензивирање на туристичката промоција. Разгледани беа иницијативите што во иднина се очекува да претставуваат силен поттик за развој на врските меѓу двете земји.
На средбата била истакната и успешната соработка со Турската агенција за соработка и координација (ТИКА), преку која во изминатите години се реализирани бројни проекти за непосредна заштита на објекти од културното наследство од османлискиот период. Потврдено е дека во наредниот период ќе се обезбеди поддршка од ТИКА за заштита на уште неколку објекти.
-Двете држави имаат одлична соработка и во рамките на УНЕСКО, што беше подвлечено со мултинационалните апликации за впишување на две добра на Репрезентативната листа на УНЕСКО за заштита на нематеријалното културно наследство- се наведува во соопштението од Министерството за култура и туризам.
Во рамките на официјалната посета министерот Сулејмани го посетил Анатолискиот музеј на цивилизациите и оствари средби со личности од јавниот и политичкиот живот во Република Турција.
септември 23, 2026
