Connect with us

Фудбал

ФИФА демантира интимна врска на Инфантино со поранешна службеничка на УЕФА

Меѓународната фудбалската федерација (ФИФА) демантираше денеска дека нејзиниот претседател Џани Инфантино бил во љубовна врска со поранешна вработена во УЕФА во време кога тој беше генерален секретар на организацијата.

Реакцијата уследи по информациите што ги објави лондонски „Телеграф“ дека УЕФА исплатила шестцифрена сума на службеничка која била во љубовна врска со тогашниот генерален секретар.

„Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, категорично ги негира овие обвинувања, кои се категорично лажни“, се вели во соопштението.

Според „Телеграф“, Инфантино бил во интимна врска со жена која од административна позиција брзо напредувала во хиерархијата на УЕФА, а нејзината плата пораснала за 30 проценти на приближно 198.000 долари.

УЕФА, во меѓувреме, потврди дека на истата личност и биле исплатени 45.000 долари откако ја напуштила организацијата за нејзините МБА-студии. Организацијата тврди дека исплатите биле во согласност со правилата што важеле во тоа време.

Инфантино, кој е во брак од 2001 година и е татко на четири деца, беше генерален секретар на УЕФА од 2009 до 2016 година, кога застана на чело на ФИФА.