Connect with us

Свет

Француска групација како мнозински акционер влегува во проектот за електрично поврзување меѓу Грција и Кипар

Француската инвестициска групација „Меридиам“ (Meridiam) специјализирана за инфраструктурни проекти од стратешко значење, како мнозински акционер влегува во компанијата „Грејт си интерконектор“  (Great Sea Interconnector) односно проектот за електрично поврзување меѓу Грција и Кипар, по договорот што попладнево беше потпишан во присуство на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина.

Грчки владини извори, договорот го оценија како особено важна разврска за електрично поврзување меѓу Грција и Кипар, но и дека француското вклучување ги зајакнува предусловите и кредибилитетот за забрзување на реализацијата на проектот.

За реализацијата на целиот проект Независниот оператор на преносниот систем на електрична енергија на Грција (АДМИЕ) останува стратешки акционер и основен партнер, со права на малцински акционер утврдени со статутот., а од друга страна, мнозинскиот удел на „Meridiam“ ја зајакнува капиталната основа на проектот, обезбедува експертиза и ја зголемува способноста за имплементација.

Според истите извори, потпишаниот договор се оценува како силен израз на доверба за Грција и во однос на енергетскиот сектор и во однос на АДМИЕ како носител на проектот.

Паралелно, бил потпишан и стратешки договор меѓу АДМИЕ, ГСИ и француската компанија за производство на кабли и решенија за електроенергетски мрежи „Нексанс“ (Nexans), со кој трите компании ќе соработуваат од самиот почеток за забрзување на работите, со приоритетно завршување на истражувањата на морското дно.