Connect with us

Фудбал

СП2026: По гол и бод за Канада и БиХ

Фудбалската репрезентација на Босна и Херцеговина го освои првиот бод на Светското првенство 2026, откако одигра 1:1 против домаќинот Канада во натпреварот од групната фаза одигран во Торонто.

„Змејовите“ беа многу блиску до голема победа против еден од фаворитите во групата, но не успеаја да го задржат водството до крајот на натпреварот.

Босна и Херцеговина настапува во група со Канада, Швајцарија и Катар, а токму домаќинот беше првиот и веројатно еден од најтешките противници на патот кон нокаут фазата.

Канаѓаните влегоа во натпреварот со мала фаворитска улога, но Босанците одлично се спротивставија и покажаа дека не се дојдени на Мундијалот само да учествуваат.

Уште во третата минута Мемиќ имаше добра можност, но неговиот удар од десетина метри заврши над голот.

Канада возврати во 17. минута преку својата најголема ѕвезда Џонатан Дејвид, кој се најде во одлична позиција, но шутираше директно во голманот Никола Васиљ.

Казната стигна само четири минути подоцна. По корнерот што го изведе Башиќ, Колашинац ја продолжи топката со глава, а Јово Лукиќ најдобро се снајде во шеснаесетникот и со удар со глава донесе водство од 1:0 за БиХ.

По постигнатиот гол следуваше силен притисок од Канада. Домаќините постојано напаѓаа, но босанската одбрана успеваше да ги одбие сите налети и на пауза се замина со минимална предност на „Змејовите“.

На стартот од второто полувреме Канада беше многу блиску до израмнување. Во 51. минута Васиљ веќе беше совладан, но Сеад Колашинац со фантастична реакција ја исфрли топката од гол-линијата и ја погоди пречката, спасувајќи сигурен погодок.

Само три минути подоцна Босна и Херцеговина пропушти огромна можност да поведе со 2:0. Ермедин Демировиќ се најде сам пред противничкиот гол, но не успеа ниту да упати удар.

Канаѓаните продолжија да напаѓаат, а во 66. минута Еустакио опасно се закани, но неговиот удар заврши покрај голот. Набргу потоа Катиќ со одлична интервенција од самата гол-линија повторно го спаси босанскиот тим.

Босна имаше и одлична контра со тројца играчи против еден дефанзивец, но младиот Бајрактаревиќ реши сам да ја заврши акцијата и шансата пропадна.

Кога изгледаше дека БиХ ќе стигне до голема победа, следуваше студен туш. Само неколку минути по влегувањето во игра, Кајл Ларин во 79. минута со прецизен удар го совлада Васиљ и постави конечни 1:1.

Во преостанатиот дел од натпреварот двете селекции се обидоа да стигнат до победнички гол, но резултатот остана непроменет.

Следниот натпревар Босна и Херцеговина ќе го игра на 19 јуни во Лос Анџелес против Швајцарија, а групната фаза ќе ја заврши на 24 јуни во Сиетл против Катар.

Ad
Ad