Свет
Мерц му испрати рачно напишано писмо на Трамп за 80-тиот роденден, подготвува и подарок за Самитот на Г7
Германскиот канцелар Фридрих Мерц му упати рачно напишано писмо со честитки на американскиот претседател Доналд Трамп по повод неговиот 80-ти роденден, кое преку курир ќе биде доставено до Белата куќа, потврдија денеска владини извори во Берлин.
Освен писмото, Мерц в понеделник лично ќе му врачи подарок на американскиот претседател на Самитот на Г7, што ќе се одржи во францускиот град Евијан на Женевското Езеро, но неговата содржина сè уште не се открива.
Трамп в недела ќе го прослави својот 80-ти роденден пред Белата куќа во Вашингтон со голем број гости и борба во кафез, по што планира да отпатува директно за Франција. Таму, в понеделник навечер, тој треба да се сретне со Мерц и со останатите лидери на економски најмоќните западни демократии.
При својата прва официјална посета на Трамп пред речиси точно една година, Мерц како подарок му донесе копија од изводот на родени на дедото на Трамп од германското село Калштат во регионот Пфалц, заедно со палка за голф. Во март, за време на неговата трета посета на Вашингтон од преземањето на функцијата, германскиот канцелар му подари на Трамп реплика од договорот за пријателство и трговија меѓу САД и Прусија од 1785 година.
Мерц и Трамп минатата година имаа многу добар почеток на нивните односи, но во последно време тие значително заладеа по силните критики на германскиот канцелар во врска со војната со Иран и безбедносната криза на Блискиот Исток. По овие критики, американскиот претседател најави повлекување на 5.000 војници од Германија, а билатералната средба меѓу двајцата лидери на маргините на Самитот на Г7 сè уште не е потврдена.
јуни 13, 2026

