Свет
Џарвис е нов министер за одбрана на Велика Британија по оставката на Хили
За нов министер за одбрана на Велика Британија е именуван Ден Џарвис, соопшти британската влада.
Тој во владата на премиерот Кир Стармер од 2024 година извршуваше високи функции во Министерството за внатрешни работи и во кабинетот на премиерот.
Џарвис беше именуван синоќа, откако министерот за одбрана Џон Хили вчера неочекувано поднесе оставка.
Хили наведе дека Владата не е подготвена да обезбеди доволно средства за армијата во време кога во светот растат безбедносните закани.
Поранешниот министер му порача на премиерот Стармер дека владиниот план за инвестиции во одбраната значително заостанува зад реалните потреби.
„Не бевте во можност, а ниту Министерството за финансии не беше подготвено да ги обезбеди ресурсите што ѝ се потребни на земјата за да се брани во време на сè поголеми закани. Поради тоа не ми преостанува ништо друго освен да поднесам оставка од функцијата министер за одбрана“, наведе Хили во текстот на оставката.
јуни 13, 2026

