Свет
Бил Гејтс изјави дека Епстин го уценувал поради тоа што знаел за неговите вонбрачни афери
Коосновачот на Мајкрософт, Бил Гејтс, сведочел пред комисија на американскиот Конгрес дека бил уценуван од починатиот сексуален престапник Џефри Епстин, јавуваат американските медиуми.
Епстин знаел за вонбрачните афери на Гејтс и ги користел тие информации како средство за притисок против него, рече Гејтс за време на вчерашното доброволно сведочење пред надзорната комисија на Претставничкиот дом на САД, пренесе ДПА.
Гејтс (70) рече дека Епстин исто така се обидел да го принуди да го обнови контактот, но дека тој обид пропаднал.
– Иако тој можеби се обидуваше да негува личен однос, јас никогаш не бев заинтересиран за тоа и никогаш не му возвратив – додаде Гејтс.
Во однапред подготвената изјава цитирана од неколку американски медиуми, Гејтс наведе дека се запознал со Епстин во 2011 година, но го прекинал контактот во 2014 година, откако Епстин првично ветил дека ќе собере милијарди долари донации за глобални здравствени проекти – ветување кое никогаш не се остварило.
– Ако времето што го поминав со Епстин му даде каков било кредибилитет, длабоко жалам – се вели во изјавата на Гејтс. Сослушувањето се одржа зад затворени врати и без видеоснимање.
Надзорната комисија во Претставничкиот дом на САД има задача да ја истражи мрежата за злоупотреба на Епстин, финансиерот кој почина во затвор во 2019 година.
Мултимилионерот од Њујорк раководел со синџир за злоупотреба во кој многу жени и малолетници биле жртви. Се вели дека Епстин и лично злоупотребувал малолетници во период од неколку години.
Гејтс наводно признал дека средбата со Епстин била „сериозна грешка во проценката“. Тој рече дека никогаш не бил сведок на никакво криминално однесување.
– Никогаш не отидов на неговиот остров, на неговиот ранч или во неговиот дом на Флорида. Никогаш никого не сум направил жртва – рече тој.
јуни 12, 2026


