Свет
Саудиска Арабија по пет години повторно го отвори пазарот за увоз од Либан
По неколкугодишни рестрикции, Саудиска Арабија повторно го отвори својот пазар за увоз од Либан, укинувајќи ја петгодишната забрана воведена за оваа медитеранска земја, пренесе ДПА.
Според Саудиската прес-агенција (СПА), Ријад го оправда овој потег наведувајќи ги охрабрувачките мерки што ги презеде либанската влада за зајакнување на државните институции.
Забраната за увоз го прекина пристапот до еден од најважните извозни пазари на Либан и изврши особен притисок врз либанскиот земјоделски сектор.
– Ова е вистинска пресвртница – изјави за ДПА Ибрахим Таршиши, претседател на здружението на земјоделци во либанската источна долина Бека.
Тој рече дека фокусот сега ќе биде ставен на создавање практични услови за продолжување на извозот и решавање на преостанатите прашања, како што се транзитните визи за возачите на камиони. „Чекавме пет години на ваква одлука“, додаде тој.
Саудиска Арабија го запре увозот на овошје и зеленчук од Либан во 2021 година. Властите на кралството тогаш го оправдаа овој потег наведувајќи го зголемувањето на обидите за шверц на дрога, наводно од страна на милицијата Хезболах, во земјата преку земјоделски пратки.
Либанскиот претседател Џозеф Аун ја поздрави одлуката, опишувајќи ја како израз на саудиската поддршка за Либан, со цел да се зајакне економијата и дополнително да се зацврстат односите меѓу двете земји.
По војната меѓу Израел и Хезболах, кој е поддржан од Иран, владата во Бејрут има за цел да го ограничи иранското влијание во земјата. Набљудувачите ја гледаат одлуката на Саудиска Арабија како важен чекор во поддршката на либанската влада.
јуни 12, 2026


