Архива
Нацрт-декларацијата на Конференцијата на ОН за климата заклучува дека ограничувањето на глобалното затоплување на 1,5 степени сега е недостижно
Нацрт-заедничката декларација на Конференцијата на ОН за климатски промени (COP31) во Анталија повикува на пошироко продирање на електрификацијата, но признава дека ограничувањето на затоплувањето на 1,5 целзиусови степени е веќе недостижно, јави ДПА.
„Постојат елементи во овој текст со кои не сите земји ќе можат да се согласат“, рече Крис Бовен, главен преговарач за Австралија, која е ко-домаќин на форумот.
Нацртот вклучува цел предложена од ко-домаќинот Турција, која предвидува дека уделот на електричната енергија во потрошувачката на финална енергија во светот значително ќе се зголеми – од 23 проценти на 35 проценти до 2035 година. Ова ја вклучува енергијата што ја користат домаќинствата, индустријата, патниот транспорт, давателите на услуги и земјоделците. Се очекува пошироката електрификација на овие сектори да доведе до значително зголемување на енергетската ефикасност и да има корисен ефект врз климата, прецизира ДПА.
Индустријализираните земји како Германија и Европската Унија ја поддржуваат таа цел. Сепак, голем број африкански земји би ја прифатиле само ако има специфични финансиски обврски за наредните години за да им се помогне во борбата против климатските промени. Финансиските ветувања постојано се причина за жестока дебата на самитите за климата, наведува ДПА.
Нацрт-декларацијата ја прифаќа проценката на ОН дека целта на Парискиот договор за климатските промени – ограничување на глобалното затоплување на 1,5 целзиусови степени над прединдустриските нивоа – ќе биде надмината. Во документот се наведува намерата да се ограничи и да се врати глобалното затоплување на максимум 1,5 целзиусови степени што е можно порано во овој век. Сепак, се очекува и оваа обврска да биде предмет на спор за време на самитот, јави ДПА.
ноември 17, 2026


