Вести
Мицкоски до Филипче за рудниците: Ние не ја распродаваме државата, туку го враќаме она што вие го распродадовте
Премиерот Христијан Мицкоски, денеска, на собраниската седница изјави дека ги поддржува проектите за антимон во Луке, Казандол и Иловица-Штука, при што во одговорот на пратеничкото прашање од лидерот на СДСМ, Венко Филипче, поединечно ги образложи постапките и одлуките поврзани со секој од нив.
Мицкоски рече дека арбитражата за Казандол завршила со победа на македонската Влада и дека државата нема да има трошоци за постапката, а за Иловица-Штука се осврна на одлуките за спојување на концесиските подрачја и одлуката на Вишиот управен суд. Премиерот нагласи дека Владата нема да преземе ништо спротивно на интересите на граѓаните додавајќи дека не ја распродава државата, туку го враќа она што претходната власт го распродала.
– Јас не ја распродавам, јас само го враќам она што вие го распродадовте. Име, територија за марихуана-плантажи, француски предлози, се откажавте од македонскиот род. Тоа јас го враќам – рече Мицкоски.
За рудникот за антимон во Луке, Мицкоски рече дека неговиот став е ист како и ставот на градоначалникот на Крива Паланка, за кого посочи дека е меѓу ретките градоначалници на СДСМ и дека и тој го поддржува проектот.
– За рудникот на антимон во Крива Паланка, во местото Луке, да, јас сум „за“. Исто како што јас сум „за“, така и вашиот градоначалник е „за“. Потполно исто – рече Мицкоски.
Во врска со Казандол, Мицкоски потсети дека се водела арбитражна постапка поради раскинувањето на договорот за концесија од страна на претходната влада. Тој рече дека во текот на постапката имало сведочења според кои претходната влада наводно била подготвена да се спогоди за одредена сума за да го загуби случајот, при што биле споменувани износи од 20 до 30 милиони долари.
– Во тој процес на арбитража, кој ни беше наследен, имавме сведочења од луѓе што, така барем велеа, дека претходната влада била готова да се спогоди за одредена сума пари, се спомнуваа цифри од 20 до 30 милиони долари, да го изгуби случајот на арбитража и потоа, нормално, поединци да добијат одредена награда – рече Мицкоски.
Тој нагласи дека арбитражната постапка завршила во корист на македонската Влада и дека украинската компанија, која била концесионер и ја повела постапката, треба да ги плати трошоците.
– Тој процес на арбитража заврши со победа на македонската Влада и дури странката, во случајот украинската компанија, која беше концесионер и која ја почна оваа арбитража, треба да ги плати трошоците поврзани со арбитражата. Државата ќе плати нула – рече премиерот.
Според него, тоа е пример за, како што рече, домаќинско и одговорно работење на Владата.
Во однос на рудникот во Иловица и Штука, Мицкоски потсети дека проектот бил почнат за време на владата предводена од Владо Бучковски, кој бил предлог на СДСМ. Потоа, како што рече, за време на владата на СДСМ и ДУИ, Министерството за економија донело одлука за спојување на двете концесиски подрачја во областа меѓу Штука и Иловица.
Мицкоски рече дека неколкумина од тогашната влада подоцна тврделе дека не биле присутни на седницата или дека не знаеле како била донесена одлуката, иако, според него, постојат стенограми. Додаде дека една недела подоцна била донесена одлука за поништување на претходната одлука за спојување на концесиските подрачја.
Тој посочи и на одлука на Вишиот управен суд за која рече дека ја поништила втората одлука, односно одлуката со која било поништено спојувањето, со што повторно станала важечка одлуката за спојување на концесиските подрачја.
– За овие подрачја да се спојат, потребен е анекс на договорот, а анексот на договорот не е регулиран во законот – рече Мицкоски.
Мицкоски претходно му се обрати на Филипче со критики за неговата реторика при поставувањето на прашањето велејќи дека нема да одговори на, како што оцени, личните навреди и обвинувања што лидерот на СДСМ ги упатувал кон него и дека нема да се спушти на тоа ниво и да му одговори.
Тој додаде дека, според него, Филипче се наоѓа под притисок поради политичкиот пораз што го очекува СДСМ.
– Моите седум години беа среќни со двајца прекрасни родители, кои ме воспитаа да израснам во човек што нема да се служи со таа реторика, дури и кога се наоѓа под најтежок притисок, како што вие се наоѓате во овој момент. А тој притисок е од потсвеста и од поразот за кој знаете дека секој ден ви е сè поблиску и поблиску, така што јас нема тука да одговорам и нема понатаму да се спуштам на тоа ниво за вие да ја имате таа чест јас да ја задоволам и негувам вашата потвест и оние први седум години во вашиот живот кога требало да ве воспитаат во човек кој, кога ја добива честа од граѓаните, барем треба да се однесува достоинствено и пристојно – рече премиерот.
октомври 29, 2026

