Вести
Тошковски побарал од Одделот за внатрешна контрола да испита случај за наводен напад на две лица од полицајци
По објавите во некои од медиумите дека во средата на 7 октомври на подрачјето на Скопје две лица биле физички нападнати од полициски службеници при нивното постапување, при што, според нивните наводи, им бил оштетен и автомобилот, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски му наложил на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди да го испита случајот.
– Одделот презема мерки и активности за целосно утврдување на фактичката состојба и околностите на настанот, како и за утврдување на евентуална одговорност на инволвираните полициски службеници – информираат од МВР.
По утврдувањето на фактичката состојба, ќе бидат преземени соодветни мерки во согласност со законските прописи, а јавноста ќе биде навремено известена.
ДУИ денеска побара оставка од заменик-министерот за внатрешни работи Астрит Исени и целосно расветлување на овој случај, во кој двајцата млади на возраст од 21 и 23 години, како што велат од партијата, според нивните изјави, биле брутално малтретирани од полицијата.
октомври 10, 2026


