Connect with us

Свет

Полската полиција приведе 10 лица поради закани за напади врз училишта

Полската полиција приведе повеќе млади лица, главно поради закани поврзани со напади врз училишта, соопштија денеска властите, додека се обидуваат да ги смират стравувањата предизвикани од гласините на интернет за т.н. „крвав петок“, по двата напади со нож што се случија во период од два дена.

Социјалните мрежи во Полска се преплавени со дискусии за наводен интернет-предизвик кој би можел да биде поврзан со нападите, но полицијата денеска соопшти дека истрагата досега не открила докази што би го потврдиле тоа.

Инцидентите предизвикаа воведување безбедносни мерки на национално ниво, при што полицијата е распоредена во околу 10.000 училишта. Владата предупреди на ширењето дезинформации за кои претставниците на властите стравуваат дека би можеле да поттикнат нови, слични напади.

„На интернет се шират многу дезинформации исполнети со емоции — спонтани реакции поттикнати од разбирлива загриженост — но нема индиции дека станува збор за каков било национален ‘предизвик’“ – изјави министерот за дигитални работи Кшиштоф Гавковски за приватната телевизија ТВН24.

– Не можеме да ја исклучиме можноста едно, две или три лица да комуницираат во група и да смислуваат план, или пак да се појави некој што ќе ги имитира претходните напади. Сепак, не гледаме докази за закана што би произлегувала од група луѓе кои координирано планираат некому да му наштетат денеска – рече Гавковски.

Полицијата соопшти дека приведе 10 лица, главно поради закани објавени на интернет, а во текот на утрото постојано објавуваше нови информации за приведените.

Меѓу нив се 13-годишник од Варшава, кој во групен разговор со соучениците објавил фотографија од нож и им се заканувал на другите ученици, 14-годишник од Варшава, кој бил затекнат со нож и петарди во училишниот двор, како и двајца 15-годишници од округот Прушкув, недалеку од главниот град, кои објавиле видеоснимка со закани за убиство.

Во четвртокот, поранешен ученик на 15-годишна возраст, со камера прикачена на кацигата, уби еден вработен и повреди уште две лица во основно училиште во полското место Лешчидол-Новини, североисточно од Варшава. Во средата, 19-годишник повреди 10 лица, вклучително и себеси, во друго училиште во Остроленка, исто така на североистокот на Полска.

Неколку кориснички профили на социјалните мрежи објавија фотографии од профил на ТикТок за кој се тврди дека му припаѓал на напаѓачот од четвртокот и дека содржел фотографии направени непосредно пред нападот. 

„Службениците на Централното биро за борба против сајбер-криминалот (ЦБЗЦ) се запознаени со содржината објавена на предметниот профил на ТикТок“, соопшти ЦБЗЦ,  додавајќи дека соработува со платформата.

Ad
Ad