Connect with us

Општини

Охрид со свечена програма во Лескоец го одбележа 11 Октомври

Со свечена програма во организација на Општина Охрид и Сојузот на борци од Охрид и Дебрца, во Домот на културата во Лескоец денеска беше одбележан 11 Октомври – Денот на народното востание против фашистичкиот окупатор.

Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, во обраќањето пред присутните истакна дека пред 85 години македонскиот народ избрал храброст, а надежта за слобода прераснала во одлучност и борба што оставила траен белег во историјата.

Тој посочи дека празникот е симбол на стремежот за достоинство и сведоштво за хероите кои во најтешките времиња се спротивставиле на окупаторот и истрајале во идеалот за слободна Македонија.

Пецаков нагласи дека Охрид и Дебрца имаат значајно место во народноослободителната борба, при што многу борци и патриоти од овие краишта го дале животот за идејата за слободна Македонија.

– Нивното дело не треба да го паметиме само како дел од минатото, туку како вреден аманет за иднината. Кога денес го одбележуваме 11 Октомври, ја чествуваме и нашата локална историја како неразделен дел од борбата за слободна татковина, рече Пецаков.

Тој порача дека слободата не е само право, туку и обврска секојдневно да се гради општество што го почитува човекот и во кое младите ќе ја гледаат својата перспектива.

Програмата опфати и музичко-сценска изведба на ученици од ООУ „Ванчо Николески“, актери и музичари. Во НУ Библиотека „Григор Прличев“ беше промовирано второто издание на книгата „Ќерката на поетот“ од Тоде Илиевски, а вечерва во 20 часот во Културниот центар „Култ“ ќе биде отворена изложбата „Созерцанија“ од Томислав Танески.

Ad
Ad