Connect with us

Вести

Николоски во Подгорица на средба со премиерот Спајиќ: Силно политичко партнерство меѓу Македонија и Црна Гора и засилена економска соработка за развој на регионот

Унапредувањето на политичките и економски односи, регионалниот развој и евроинтегративниот процес на земјите од Западен Балкан биле во фокусот на средбата на вицепремиерот Александар Николоски со премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.

Од средбата, што се одржа во рамки на работната посета на Николовски на Црна Гора, била испратена јасна порака дека Македонија и Црна Гора се блиски партнери и во периодот пред нас двете земји уште посилно ќе соработуваат, особено во делот на економијата и европската интеграција.

-Посебен акцент се стави на можностите за зголемување на трговската размена и унапредување на економските врски меѓу двете земји, како и на подобрување на транспортната и воздушната поврзаност, соопштуваат од Министерството за транспорт.

Николоски истакнал дека Владата посветено работи на регионалното поврзување како развојна политика. Подобрата инфраструктурна поврзаност, модерните патишта и железници и полесен проток на луѓе и добра се клучни за отворање нови пазари, привлекување инвестиции и создавање подобри услови за економски раст.

Соговорниците разговарале и за европската перспектива на регионот, при што беше нагласено дека иднината на Западен Балкан е во Европската Унија. Била потенцирана потребата од меѓусебна соработка на земјите од регионот како дополнителен поттик за забрзување на реформите.

На политички план, се разговарало за актуелните состојби во Западен Балкан, регионалната стабилност и безбедност, како и за потребата од зајакнување на координацијата и заедничкиот настап на земјите од регионот пред европските партнери.

Било оценето дека постојат значителни неискористени потенцијали кои треба да се претворат во конкретни резултати и во таа насока беше заклучено дека Македонија и Црна Гора остануваат посветени на градење силно партнерство, со повеќе инвестиции, подобра поврзаност и економска размена и побрза европска интеграција на регионот. 

Ad
Ad