Connect with us

Општини

Мендони: Грција е подготвена да соработува со двете соседни земји за Преспа да стане меѓународен пример за заедничка заштита и одржлив развој

Заедничкото впишување на Преспа во УНЕСКО во пракса докажува дека границите можат да станат места на средба и соработка и дека природното и културното наследство може да функционира како мост меѓу народите. Грција е подготвена доследно, континуирано и решително да соработува со двете соседни земји за Преспа да стане меѓународен пример за заедничка заштита, одржлив развој и мирна соработка, посочи министерката за култура на Грција Лина Мендони на денешната трилатерална средба, јави дописничката на МИА од Атина.

Министрите за култура на трите земји, Лина Мендони, Седат Сулејмани и Бленди Гонџја потпишаа заедничката изјава со која ја потврдија заедничката заложба за заштита и афирмација на природното и културното наследство на Преспанскиот Регион, како и за заедничка подготовка на неговата кандидатура за впишување на Листата на светското наследство на УНЕСКО.

– Преспа е место со уникатна културна и природна вредност, место кое не е разделено со границите, туку обединува три земји и три народи. Затоа, заедничката кандидатура на Грција, Северна Македонија и Албанија за впишување на Преспа на Листата на светско наследство на УНЕСКО како мешано добро претставува иницијатива на Грција, со особена симболика и суштинско значење, рече Мендони.

Од Министерството за култура на Грција соопштија дека денешната трилатерална средба „го означува првиот политички израз на заедничката волја на трите држави за соработка, преку започнување заедничка иницијатива“.

-Тројцата министри, во нивното заедничко соопштение, препознаваат дека регионот на Преспа претставува единствен природен и културен пејзаж со исклучителна вредност, меѓусебно поврзана целина, чие значење го надминува регионалното ниво. Го изразија нивното уверување дека заедничкиот напор за заштита и признавање на Преспа може да биде суштински пример за конструктивна регионална соработка и за улогата што заедничкото културно и природно наследство може да ја има како мост меѓу соседните земји и народи, соопштија од Министерството за култура на Грција.

Додадоа дека станува збор за почеток на долг заеднички напор со цел природната и културната вредност на Преспа да бидат меѓународно признаени, а регионот да стане пример за прекугранична соработка во заштитата, одржливото управување и афирмацијата на областа, во интерес на локалните заедници и идните генерации, 

Министрите, исто така се договориле да продолжат со неопходните подготовки за заедничко поднесување на кандидатурата преку соработка во потребните научни, технички и институционални активности, во согласност со процедурите и барањата на Конвенцијата на УНЕСКО за светско наследство.

Во техничкиот дел од средбата, институционалните претставници ги истакнале природните и културните вредности на Преспа, како и главните фази за подготовка и поднесување на заедничката меѓудржавна кандидатура до 2030 година: односно формирање меѓудржавна работна група, внесување на кандидатурата во националните индикативни листи, прелиминарна евалуација од страна на Меѓународниот совет за споменици и локалитети и Меѓународната унија за зачувување на природата, изработка на документацијата и негово конечно разгледување од страна на Комитетот за светско наследство.

Ad
Ad