Вести
Јанев: Нашите граници се национални, но безбедносните предизвици се регионални
Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, во изминатите два дена во Охрид беше домаќин на регионалната платформа Joint Migration Task Force, посветена на справувањето со илегалната миграција, организираниот криминал и современите безбедносни предизвици во регионот, со посебен акцент на прекуграничните криминални мрежи и нивната способност бргу да ги менуваат начините на дејствување и криминалните рути. Една од клучните пораки на средбата била потребата регионалните безбедносни институции да преминат од реактивен кон проактивен пристап преку развивање механизми за рано предупредување и предвидување на ризиците.
На средбата присуствувале директорите на полициите на Црна Гора, Косово и Албанија, како и делегации од Обединетото Кралство, Грција и Босна и Херцеговина. Свои обраќања имаа и директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, и раководителот на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Ислам Абази, со што беше нагласена важноста на координираното дејствување меѓу институциите во справувањето со сложените безбедносни закани.
Како што соопшти МВР, во своето обраќање Јанев истакнал дека регионалната соработка мора да добие нова димензија, во која размената на информации ќе прерасне во заедничка анализа, навремено препознавање на ризиците и конкретни оперативни активности.
– Нашите граници се национални. Нашите безбедносни предизвици се регионални. Криминалните мрежи одамна не размислуваат во национални граници, ниту миграциските рути се движат според административните линии на картата. Затоа следниот чекор е постепено да преминеме од формат кој првенствено овозможува координација и размена кон регионален безбедносен центар, каде што информациите ќе се поврзуваат, анализираат и ќе водат кон конкретно оперативно дејствување – нагласил Јанев.
Тој потсети дека платформата Joint Migration Task Force е иницирана од Обединетото Кралство, а земјава ѝ се приклучи во 2025 година заедно со Косово, Албанија и Црна Гора. Во изминатиот период се воспоставени канали за комуникација, почната е размена на информации и се реализираат заеднички оперативни денови (Joint Operational Days), кои претставуваат основа за понатамошно продлабочување на соработката.
Посебно внимание било посветено на потребата од развивање заедничка регионална аналитичка слика за високоризичните криминални структури преку поврзување информации за лица, возила, компании, логистички шеми, финансиски текови и прекугранични активности.
Јанев нагласил дека миграцијата сама по себе не претставува безбедносна закана, но дека институциите мора да бидат способни навремено да ги препознаат криминалните мрежи кои ја злоупотребуваат ранливоста на луѓето, особено во случаите на шверцување мигранти, трговија со луѓе и други облици на организиран криминал.
– Не треба само да реагираме на она што веќе се случило, туку да се обидеме да предвидиме што може да се случи. Да ги препознаваме промените во миграциските и криминалните рути, во начините на транспорт, финансиските текови и дигиталните канали. Да не инвестираме само во нашата способност да го видиме проблемот, туку и во способноста да го предвидиме – порачал директорот на БЈБ.
На состанокот била истакната и важноста од пошироко регионално поврзување, вклучително и постепено функционално вклучување на капацитетите и информациите на Грција и Босна и Херцеговина, како и следење на копнените и водните коридори, со цел создавање поцелосна слика за регионалните безбедносни ризици.
Директорот на БЈБ на крајот порачал дека заедничката безбедност бара институциите да бидат чекор пред криминалните мрежи, со навремена размена на информации, професионална соработка и координирано дејствување. – Да не чекаме заканата да стигне до нашата граница. Да ја препознаеме додека сè уште е на пат кон неа – заклучил Јанев.
Средбата била искористена и за билатерални и мултилатерални разговори, насочени кон продлабочување на партнерствата, унапредување на размената на информации и развивање можности за координирани истраги и заеднички оперативни активности, во согласност со законските рамки на државите учеснички.
октомври 10, 2026


