Свет
Ребека Гринспан од Костарика води во трката за генерален секретар на ОН
Поранешната потпретседателка на Костарика, Ребека Гринспан, има најголема поддршка во неформалното гласање во Советот за безбедност на ОН за избор на десетти генерален секретар.
На вчерашното четврто по ред тајно гласање во 15-члениот Совет за безбедност, Гринспан добила десет гласа „за поддршка“, три „против“ и два „без мислење“. Амбасадорката на Гвајана во ОН, Каролин Родригес-Биркет, и аргентинскиот кандидат Рафаел Гроси имале по осум гласа „за поддршка“.
Гринспан имаше предност и на првото и третото гласање, одржани во јули и септември, додека на августовското гласање најмногу поддршка доби Родригес-Биркет.
Откако поранешната претседателка на Чиле, Мишел Башеле, се повлече од трката претходно овој месец, за наследник на Антонио Гутереш останаа седум кандидати. Португалецот Гутереш заминува од функцијата на крајот на годината, по два петгодишни мандати.
За изборот на кандидатот е потребен договор меѓу петте постојани членки на Советот за безбедност со право на вето – САД, Кина, Русија, Франција и Велика Британија. Советот за безбедност потоа официјално ќе го предложи кандидатот до Генералното собрание, во кое членуваат 193 држави. Се очекува Генералното собрание да го одобри изборот на Советот.
Во 80-годишната историја на ОН досега ниту еднаш жена не била генерален секретар. Според досегашната постапка, Гринспан е меѓу официјално номинираните кандидати за функцијата.
октомври 1, 2026
