Connect with us

Свет

Кервињски: Руските служби често вработуваат Украинци и жители на Балканот за изведување саботажи во Полска

Полскиот министер за внатрешни работи Марцин Кервињски денеска изјави дека руските служби, кои според информациите од истрагите стојат зад претходните саботажи и палежи во неговата земја, регрутираат претежно странци, Украинци или жители на Балканот за да извршат напади, и ги контактираат преку Телеграм и сè повеќе им плаќаат со криптовалути.

„Она што многу често го гледате е дека тие се странци, а не Полјаци, често Украинци, повремено жители на југот на Европа, зборувам за Балканот, и тие ги контактираат преку Телеграм“, изјави Кервињски за полската приватна телевизија ТВН24.

Министерот додаде дека нема сомнение дека пожарот на инфраструктурата за Старлинк во Вола Кробовска, во централна Полска, минатата среда бил подметнат, но дека истрагата сè уште не покажала зошто и предупреди дека нема утврдена шема во саботажите, за кои полските служби досега ги обвинуваа руските служби како главни за време на истрагата.

„Нема ни да има воспоставени шеми, тие ќе се променат бидејќи ако претпоставиме, а мораме, дека повеќето од тие инциденти се инспирирани од руските служби, тие имаат широко поле на дејствување“, рече Кервињски.

Според министерот за внатрешни работи, заедничката работа во регрутирањето странци за саботажа во Полска е тоа што овие „услуги“ често се плаќаат во криптовалути.

„Го забележавме ова при организирањето на шверцот на нелегални мигранти на белоруско-полската граница. Денеска е полесно отколку пред 10 години да се пронајде иницијаторот, но криптовалутите се уште се многу едноставен начин за регрутирање. Целата комуникација се одвива на Интернет преку сметки кои често се анонимни“, рече Кервињски.

Иако полскиот премиер Доналд Туск и шефот на дипшломатијата, Радослав Шикорски, во последните денови предупредија дека хибридните напади и провокации на Русија на територијата на НАТО и Полска полека преминуваат од хибридна во кинетичка војна, со опипливи средства, заменичката министерка за одбрана Магдалена Собковјак-Царнецка изјави за телевизијата Полсат дека сè уште не се зборува за традиционална, кинетичка војна.

„Веќе некое време сме во хибридна војна. Во фаза сме на провокации во киберпросторот, граничните премини се исто така загрозени. Путин ќе продолжи да тестира до каде е границата и дали земјите од НАТО ќе го применат Член 5 од Договорот за НАТО“, рече Собковјак-Царнецка.

Во Полска, по предупредувањето на премиерот и министрите минатата недела, врз основа на информации од ЦИА и разузнавачките служби на Полска и други сојузници, расте стравот дека Русија ќе премине од хибридни напади на вооружени провокации веќе оваа есен или зима.

Ваквите стравувања се изразени од 68, 1 отсто испитаници во најновата анкета на агенцијата IBRIS за полското радио Зет, додека 19,7 проценти од Полјаците веруваат дека таквото сценарио сепак не претставува закана.

За само два месеци од претходното вакво истражување, стравувањата на Полјаците од руска провокација се зголемија за осум проценти.