Connect with us

Свет

Истражување на „Паблик Ферст“: Енди Барнам ги зголеми изборните шанси на лабуристите, но расте загриженоста за економијата

Британските гласачи сметаат дека актуелниот премиер Енди Барнам може да победи на следните избори бидејќи ги зголемил изборните шанси на Лабуристичката партија, но се сомневаат дека тој ќе успее да придонесе за намалување на трошоците за живот, покажуваат резултатите од најновото истражување што за бриселскиот портал „Политико“ го спроведе агенцијата „Паблик Ферст“.

Истражувањето покажа дека Барнам значително го променил јавниот став кон британската политика по првите два месеца на премиерската функција, при што 53 отсто од гласачите сметаат дека Лабуристичката партија има реални шанси да остане на власт. Тоа е значителен пораст во однос на мај, кога поддршката изнесуваше 33 отсто, додека неговиот претходник Кир Стармер беше во завршната фаза од својот премиерски мандат.

Промената во перцепцијата за изборниот кредибилитет на лабуристите сугерира дека, засега, се исплател ризикот што го презедоа лабуристичките пратеници кога го принудија Стармер да се повлече од функцијата по катастрофалните резултати на локалните и регионалните избори. Главните истражувања за изборните намери сега покажуваат предност за лабуристите, при што гласачите забележале пораст на популарноста на Барнам.

– Пред Енди Барнам да се појави на големата политичка сцена, постоеше чувство дека влада на Реформ е неизбежна. Тоа чувство повеќе не постои, изјави Себ Вајд, шеф на истражувањата во агенцијата „Паблик Ферст“.

Спротивно на тоа, за десничарската партија Реформ УК на Најџел Фараж, ситуацијата се промени. Пред четири месеци, речиси две третини од испитаниците (65 отсто) сметаа дека таа партија има реални шанси за победа, но овој месец процентот падна на 47 отсто по серијата негативни медиумски написи за наводни финансиски скандали и за време на дополнителните избори во изборната единица што ја претставува Фараж. Сепак, повеќе луѓе сметаат дека Реформ УК и натаму може да победи на следните избори, отколку дека партијата целосно испаднала од трката.

Според резултатите од анкетата, конзервативците и натаму се соочуваат со сериозни проблеми, а сè поголем број гласачи не ги гледаат како сериозни кандидати за преземање на власта.

Следните општи избори во Велика Британија не мора да се одржат пред 2029 година. Сепак, додека пратениците и активистите на Лабуристичката партија се собраа во Ливерпул на годишната конференција, во медиумите се појавија информации дека некои соработници на Барнам се залагаат за избори уште следната пролет, иако премиерот изречно ја исклучи можноста за одржување избори во тој термин.

Кризата со трошоците за живот и натаму е главен проблем за британската јавност, при што 59 отсто од испитаниците ја наведуваат како приоритетно прашање. Загрижувачки за Барнам е тоа што мнозинството од 56 отсто смета дека владата не прави доволно за решавање на овој проблем, а сè поголем број луѓе ги обвинуваат лабуристите, а не конзервативците, за состојбата со економијата. Дополнително, 38 отсто од испитаниците изјавиле дека нивната лична финансиска состојба се влошила откако лабуристите дојдоа на власт.