Connect with us

Вести

Секоја година повеќе од 50.000 жени и девојки свирепо убиени од нивните партнери, потребно подобрување на превенцијата и заштитните механизми

Со порака дека​ ниеден случај на фемицид не претставува изолиран инцидент или приватен семеен проблем, туку е краен резултат на континуирано родово базирано насилство, кое општеството го игнорирало или релативизирало и не успеало, за жал, навреме да го спречи, во Собранието денеска почна регионалната конференција за фемицид во Југоисточна Европа. На конференцијата беше нагласено дека секоја година повеќе од 50.000 жени и девојки се свирепо убиени од своите партнери и од други членови на семејството.

Генералниот секретар на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), Феридун Синирлиоглу, преку видеопорака нагласи дека насилството врз жените не е само едно од најголемите повреди на човековите права, туку исто така е закана за нашата колективна сигурност. 

– Според податоците на Обединетите нации, секоја година повеќе од 50.000 жени и девојки се свирепо убиени од своите партнери и од други членови на семејството. Овие цифри доволно го кажуваат фактот дека превенцијата и заштитните механизми сè уште не се ефикасни како што треба да бидат. Фемицидот останува лоша црта на сите општества и затоа се собравме тука, да разговараме за конкретни начини за да ги подобриме нашите напори за да се стави крај на фемицидот и да се изградат најиновативните практики – рече Синирлиоглу.

Тој истакна дека борбата против насилството врз жените е клучна и приоритетна за ОБСЕ, која е во темелите на неколку одлуки на Советот на министрите во изминатите неколку години. Додаде дека ОБСЕ ги удвои напорите да се бори против фемицидот, со тоа што ќе промовира подобрена размена на добрите практики. Исто така, во март 2025 година Организацијата објави прв извештај за ОБСЕ за фемицидот, кој вклучи и податоци за одговор и кривичната правда.

​- Преку ангажманот на нашите денешни оперативци, ние даваме поддршка на локалните власти во борбата против фемицидот, вклучувајќи и преку воспоставување ефикасна заштита и превенција. Поддршка на иницијативата Femicide Watch, која е форум на високо ниво, со претседателство на Северна Македонија, е пример. Со нашата работа и со многу значајни предизвици што ни претстојат мораме да постапуваме јасно – рече Синирлиоглу.  

​Порача дека мора да се продолжи со партнерството за да се елиминираат сите облици на насилство врз жените и девојките и да се бориме за родова еднаквост, која е релевантна во промовирањето на меѓународната безбедност. 

Потпретседателката на Собранието, Весна Бендевска, истакна дека оваа регионална конференција претставува сериозна можност и платформа за дискусија во која ќе бидат вклучени политички претставници, претставници од правосудните институции, независни експерти и граѓанското општество од регионот и пошироко, што значи дека ваква дебата може да придонесе кон заедничко разбирање дека спречувањето на фемицидот бара трајна политичка посветеност и фокус, веродостојни податоци, посветени институции, транспарентност и сериозен мултидисциплинарен пристап и соработка.  

​- Фемицидот, односно родово базираното убиство на жени и девојчиња, претставува најекстремна манифестација на насилство врз жените. На глобално ниво во 2024 година нотирани се 83.000 жртви жени и девојчиња, од кои 50.000 биле убиени од интимниот партнер или друг член на семејството. Тоа значи дека секој ден во просек по 137 жени и девојчиња биле убиени од некого во семејството или најблиската околина – истакна таа.  

Бендевска заклучи дека статистиката е поразителна и затоа фемицидот не смее да биде перципиран како изолиран, спорадичен кривичен настан. Рече дека во најголем број случаи тоа е крајна точка на континуирано насилство, на кое претходеле семејно насилство, закани, демнење, контролирачко поведение или други предупредувачки знаци.  

​- Ефикасната превенција на ваквите неповратни трагедии директно зависи од способноста на институциите навреме да ги детектираат и препознаат ризиците, да иницираат широка размена на информации и да водат кон координирана реакција кон секој случај поединечно – рече таа.

Бендевска оцени дека во последните години земјите од Југоисточна Европа постигнале значителен напредок во однос на зајакнувањето на кривичното законодавство со воведување дефиниции и посебни кривични дела поврзани со фемицидот и родово базираните убиства, воспоставување нови механизми и опсерватории заради унапредување на собирањето податоци и процена на ризиците.

Сепак, додаде таа, разните законски дефиниции, фрагментираните податоци и нееднаквата примена на законите и понатаму претставуваат предизвик. Регионалното искуство сѐ појасно покажува дека доброто законодавство е неопходно, но само по себе, за жал, е недоволно.  

-​ Кога станува збор за правните состави и за превенција и заштита на оваа тема, сакам да потенцирам дека Македонија презеде значајни чекори во оваа насока. По стапувањето во сила на Конвенцијата за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство на Советот на Европа, позната и како Истанбулска конвенција во 2014 година, Македонија беше меѓу првите земји што го потпиша овој документ, а Собранието ја ратификува во 2017, со што според нашиот Устав таа стана дел од правниот поредок во земјата, по што Министерството за труд и социјална политика пристапи кон подготовка на национален акциски план за спроведување на Конвенцијата, со цел креирање динамика за усогласување на националното законодавство со одредбите од оваа Конвенција – истакна Бендевска.  

Таа потсети дека во 2021 Собранието го донесе и Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, а во 2023 со измените на Кривичниот законик беше воведен и концептот на родово базирано насилство, со цел експлицитно препознавање на родовата димензија на убиствата на жени и девојчиња.  

Бендевска рече и дека земјата исто така го развива и својот прв Femicide Watch механизам со поддршка од Мисијата на ОБСЕ, која вклучува систематско следење и анализа на случаи на фемицид и обид за фемицид, следење на судски постапки и посебна јавна платформа, додавајќи дека особено значаен е мултидисциплинарниот и мултисекторскиот пристап, а нивното поврзување овозможува да се препознаат предупредувачките знаци, да се утврди каде институционалниот одговор не бил соодветен и така научените лекции од поединечни случаи да се преточат во подобра превенција.  

-​ Улогата на националните парламенти во овој институционален синџир што треба да понуди ефикасен и целосен институционален одговор на најтешкиот облик на кршење на човековите права е голема и многу значајна. Одговорноста на парламентите не завршува со донесување на добри законски решенија. Преку надзорната и буџетската функција што ја вршат парламентите имаат надлежност и одговорност не само будно да го следат доследното спроведување на законите туку треба да обезбедат и доволно ресурси, и материјални и финансиски, за нивно функционирање – посочи Бендевска.  

​Нагласи дека за вистински приод кон решавањето на овој сериозен општествен проблем сите мора најотворено да констатираме дека фемицидот како општествен феномен е огледало на затајување на одговорноста и на поединечен и на севкупен план, тоа е црна слика на модерното општество во 21 век.

– Затоа што фемицидот е најекстремниот одраз на родово базирана дискриминација, патријархални вредности и системски и институционален неуспех на едно општество. ​Ниеден случај на фемицид не претставува изолиран инцидент или приватен семеен проблем, туку е краен резултат на континуирано родово базирано насилство, кое општеството го игнорирало или релативизирало и не успеало, за жал, навреме да го спречи. ​Зборовите се тешки и болни, но се неопходни за да предизвикаат вистинска реакција од страна на општествениот и институционалниот систем. ​Затоа време е за акција. Ваквите размени на знаења и искуства може многу да придонесат во подобрување на ваквата црна статистика – заклучи Бендевска на отворањето на регионалната конференција за фемицид во Југоисточна Европа.