Connect with us

Архива

Јаневска на Европската ноќ на истражувачите: Нема просперитет и развој на државата без развој на науката и иновацијата

Повеќе од 200 настани во неколку дена ќе опфати Европската ноќ на истражувачите – проект финансиран од Европската Унија преку акциите „Марија Склодовска-Кири“ од програмата „Хоризонт Европа“. Со поддршка на Министерството за образование и наука, во глобалното одбележување се вклучени универзитетите „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, „Гоце Делчев“ од Штип, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола и МАНУ.

На УКИМ настаните се одржуваат на Машинскиот факултет, каде што лабораториите на Инженерскиот кампус денеска ги посети министерката за образование и наука, Весна Јаневска. 

Таа искажа задоволство што државата учествува во овој глобален настан затоа што, рече, „на тој начин Македонија станува составен дел од научната мапа на Европа“. 

– Минатата година институционално ги поддржавме УКИМ, УГД, УКЛО, МАНУ и други организации за да може преку еден голем проект на „Хоризонт“ да станеме учесници во овој настан, односно оваа промоција. Целта е подигање на свеста за значењето на науката и иновациите – истакна Јаневска.

Посочи дека Владата е посветена на вложувањето во науката, така што, рече, од 380 милиони денари што ги затекнале во 2024 година, сега буџетот е зголемен на  773 милиони денари.

– Ќе продолжиме со исто темпо и со исто влијание во науката затоа што нема просперитет и развој на државата, без развој на науката и иновацијата – порача Јаневска од Машинскиот факултет на УКИМ. 

Професорот од Машинскиот факултет, Радмил Поленаковиќ, изјави дека целта на проектот Европска ноќ на истражувачите е науката да се приближи на пошироката јавност и затоа поканиле ученици и нивни наставници да ги посетат лабораториите на Инженерскиот кампус. Посочи дека покрај УКИМ, вклучени се и универзитетите во Штип и Битола, како и Македонското еколошко здружение и Националниот центар за развој на иновации и претприемачко образование.  

– Ги поканивме основните и средните училишта, како и наставниците и родителите, да дојдат да ги видат сите лаборатории во Инженерскиот кампус. Покрај колегите од Машинскиот факултет, тука се и колегите од ФИНКИ и ФЕИТ, и сите се добредојдени на овој целодневен настан да ги посетат нашите лаборатории, да видат што се случува во областа на техниката. Исти вакви настани се случуваат и во Битола и Штип. Ќе имаме над 200 настани во овие неколку дена, а централните настани се денеска – рече Поленаковиќ нагласувајќи дека развојот на државата зависи од развојот на истражувањето, иновациите и науката.