Вести
Истрага и детали од ЈО за криминалот поврзан со регистрирањето возила
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција ОЈО ГОКК, постапувајќи по кривичната пријава поднесена од Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал, донесе наредба за спроведување истражна постапка против шест физички и две правни лица за проневера и перење над 2,2 милиони евра преку лажни извештаи за наплатени надоместоци при регистрација на возила до повеќе надлежни институции и општини, како и невистинити уплатници за надоместок за јавни патишта.
Со истрагата, како што информираат од Обвинителството, е опфатен сопственик и управител на кривично одговорно правно лице од село Кучевиште, кој воедно бил и неизвршен член на Одборот на директори во кривично одговорното осигурително брокерско друштво за кого постои основано сомнение дека сторил кривични дела проневера во службата и перење пари и други приноси од казниво дело. За помагање при извршувањето на истите кривични дела осомничени се двајца извршни членови на Одборот на директори во осигурителното брокерско друштво и овластен сметководител и управител на друштво за книговодствени услуги и консалтинг. Раководителот на станицата за технички преглед и помошник-директорката за финансии во Јавното претпријатие за државни патишта се осомничени за помагање при извршувањето проневера во службата. Со наредбата се опфатени и две правни лица осомничени за перење пари и други приноси од казниво дело.
Според доказите обезбедени до овој момент, во периодот од 1 јануари 2021 до 20 јануари 2026 година, првоосомничениот, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, присвоил 138.877.419 денари, а другите осомничени со умисла му помогнале во извршувањето и прикривањето на кривичното дело.
Како управител на правното лице со дејност вршење технички преглед на возила, првоосомничениот изготвувал и доставувал лажни извештаи за наплатени надоместоци при регистрација на возила до повеќе надлежни институции и општини, како и невистинити уплатници за надоместок за јавни патишта. Раководителот на станицата за технички преглед како овластено лице изготвувал и потпишувал фактури и доставувал извештаи со невистинити податоци за наплатените надоместоци.
– Со цел прикривање на паричните средства, наплатените надоместоци биле уплаќани на сметки на осигурително брокерско друштво. Извршните членови на Одборот на директори знаеле или требало да знаат дека дел од приходите потекнува од наплата на надоместоци, а не од дејноста на осигурување. Заедно со неизвршниот член на Одборот на директори средствата ги префрлале меѓу сметките на правните лица и ги мешале со приходите од редовното работење, а дел бил употребен и за купување недвижности во корист на правното лице – информираат од Обвинителството.
Осомничениот сметководител евидентирал невистинити податоци во сметководствената документација и поднесувал даночни пријави и годишни сметки, кои не ја прикажувале реалната финансиска состојба на кривично одговорното правно лице.
Помошник-директорката за финансии во Јавното претпријатие за државни патишта, иако била должна да ја следи наплатата на надоместоците и да ги проверува доставените извештаи, свесно не ги презела потребните дејстви. Дополнително, го известувала осомничениот раководител на станицата за технички преглед за износите наплатени на сметката на ЈПДП наместо правното лице да доставува месечни извештаи до претпријатието.
Со дејствата што се предмет на истрагата е прибавена противправна имотна корист од 138.877.419 денари, односно речиси 2,26 милиони евра, на штета на повеќе институции и општини.
Ценејќи дека се исполнети законските услови и со цел обезбедување присуство на осомничените во текот на истражната постапка, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор за тројца осомничени и мерки на претпазливост за еден осомничен.
септември 4, 2026
