Регион
Вучиќ за одложувањето на посетата на Кос: Објаснувањето беше исклучително кратко, но глупаво
Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска го нарече „глупаво“ објаснувањето за одложувањето на посетата на европската комесарка за проширување Марта Кос на Белград.
Европската комесарка претходно во објава на мрежата „Икс“соопшти дека ја откажува планираната посета, оценувајќи дека глорификацијата што ја следи смртта и враќањето на посмртните останки на Ратко Младиќ во Белград е неспоива со европските вредности и соочувањето со минатото. Младиќ беше осуден за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства, а Кос нагласи дека принципите и вредностите врз кои се темели ЕУ не се предмет на преговори.
– Објаснувањето беше исклучително кратко, но глупаво, како и обично. „Глорификација“ на генералот Ратко Младиќ, само не кажува кој глорификувал што. И кога не можат да најдат ништо конкретно, тогаш се занимаваат со подвозници, надвозници, требало веројатно да им забраниме на луѓето да се појават, да забраниме погреб, да правиме кучешки гробишта изјави српскиот претседател.
Вучиќ во реакција пред новинарите порача дека нема да дозволи Кос да ја понижува Србија ниту да му држи лекции за тоа кој е злосторник, посочувајќи на двојни стандарди при третманот на националистичките извици, како што е „За дом спремни“ во други европски средини.
Српскиот претседател додаде дека за него е далеку поважно да ја дочека пресудата за поранешниот лидер на ОВК, Хашим Тачи, најавена за 16 септември, отколку доаѓањето на еврокомесарката во Белград.
Жал ми е, навистина сакав убаво да се исприкажаме, како за едно четири години да го отвориме кластерот 3 кога ќе дојде тројна промена на власта, бидејќи сега нема да дојде, и веднаш да ја информирам дека имаме предност, значително ја зголемуваме во однос на нашите противници – додаде Вучиќ.
септември 4, 2026
