Регион
Кошта: За обединета Европа потребен е повторно обединет Кипар
За нас е јасно дека за обединета Европа потребен е обединет, повторно обединет Кипар. Ја поддржуваме позицијата на Кипар и ги поддржуваме напорите предводени од генералниот секретар на ОН за преку дијалог да се најде решение за ова прашање, порача претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта на заедничката прес-конференција со кипарскиот претседател Никос Христодулидис, кој од своја страна посочи дека кипарскиот проблем е европско прашање, јави дописничката на МИА од Атина.
На средба во Претседателската палата во Никозија, токму кипарското прашање беше во фокусот на разговорите, а Кошта ја изрази европската поддршка и подготвеноста за помош и придонес кон решавање на проблемот, согласно резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации.
– Му имаме пренесено на турскиот претседател дека сме подготвени да помогнеме и позитивно да придонесеме за решавање на ова прашање, особено преку зајакнување на билатералните односи меѓу Европската Унија и Турција. И сметам дека ова би можело да биде важен придонес од ЕУ во напорите да се помогне во решавањето на ова прашање, посочи Кошта.
Потсети на именувањето на комесарот Рафаеле Фито за специјален пратеник на ЕУ за Кипар и објасни дека за него е важно што од Христодулидис бил информиран за последните разврски, особено по посетата на Гутереш на Кипар.
Христодулидис објасни дека го информирал Кошта за, како што рече, двете важни национални теми, односно за подготвеноста на земјата за влез во Шенген зоната, како и за кипарското прашање.
– Кипарскиот проблем е европски проблем и Европската Унија може да одигра одлучувачка улога за да постигнеме решавање на прашањето, за одново обединување на нашата татковина, врз основа на резолуциите на Советот за безбедност на ОН и во согласност со правото, вредностите и принципите на Европската Унија и во овој голем напор давам особено значење на помошта и поддршката од пријателот претседател на Европскиот Совет, нагласи Христодулидис.
Додаде дека ЕУ ги поседува потребните алатки, а во прашањата за кои сè уште постојат разлики, „решението е европското законодавство“ и ја повтори подготвеноста за одново започнување на разговорите.
Христодулидис се осврна и на кипарското претседателство со ЕУ во првата половина од годинава и на проширувањето на Унијата, за што рече дека бил постигнат напредок.
– Разговаравме за прашањата поврзани со проширувањето на Европската Унија. Имаше многу важен напредок за време на нашето претседателство, би рекол историски чекори за Украина, Молдавија и ќе продолжиме како земја-членка да ја поддржување политиката на проширувањето. За нас проширувањето е стратешка алатка на Европската Унија што треба да се користи, рече кипарскиот претседател.
Претседателот на Европскиот Совет доцна синоќа беше во Атина, каде што се сретна со грчкиот премиер, а од Никозија, заминува за Љубљана, каде што попладнево ќе се сретне со словенечкиот премиер.
септември 4, 2026
