Connect with us

Регион

Медиуми: Десетици Инстаграм профили на албански активисти, новинари и опозициски лидери биле блокирани или оневозможени за време на протестите

Десетици Инстаграм профили на албански активисти, новинари и опозициски лидери беа блокирани или оневозможени за време на протестите против планираната изградба на луксузен туристички комплекс на југот на Албанија, јавија денеска албански медиуми пренесувајќи вест на Политико.

Протестите траат речиси 100 дена, а проектот е поврзан со Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп. Корисниците чии профили се блокирани пријавуваат дека добиваат известувања за повреда на авторски права за содржина што самите ја снимиле или објавиле.

Случајот со блокираните сметки предизвика реакции и на европско ниво. Италијанскиот член на Европскиот парламент, Сандро Гоци, ја повика матичната компанија Мета веднаш да даде објаснување за преземените мерки.

„Кога десетици опозициски и активистички сметки поврзани со истото протестно движење исчезнуваат речиси истовремено, не можеме едноставно да претпоставиме дека станува збор за технички проблем“, рече Гоци. Тој ја повика Мета да ги разјасни причините за блокирањето и ја нагласи важноста на случајот за земја како Албанија, која бара членство во Европската Унија.

Социјалните мрежи станаа главна алатка за демонстрантите. Преку Инстаграм, граѓаните и новинарите пренесуваат информации во реално време, мобилизираат учесници во демонстрациите и објавуваат снимки од судири со полицијата.

Сепак, во последните недели, голем број корисници добија известувања за наводно кршење на авторските права, а дел од содржината што ја објавија е отстранета. Други сметки се привремено ограничени или трајно затворени.

Засегнатите корисници категорично негираат дека ги прекршиле правилата на Инстаграм.

Невладината организација за дигитални права „Repro Uncensored“ соопшти дека анализирала стотици вакви случаи и не пронашла никакви прекршувања на стандардите на заедницата на платформата.

Мета рече дека ги разгледува преземените мерки против засегнатите сметки. Компанијата веќе ги врати некои од нив откако утврди дека биле отстранети по грешка.

Мета, матичната компанија на Инстаграм и Фејсбук, се извини за непријатностите и рече дека корисниците можат да поднесат жалба на одлуките за блокирање ако веруваат дека нивните сметки биле неправилно ограничени.

Меѓу засегнатите е и Агрон Шехај, член на албанскиот парламент и лидер на опозициската партија „Можности“. Неговиот профил беше деактивиран во средата навечер. Шехај за Политико изјави дека нејасните правила за блокирање и отстранување на профили можат да се користат за ограничување на критичките гласови.

„И токму тоа го гледаме сега: стотици профили што ги поддржуваат протестите и повикуваат на оставка на премиерот Еди Рама беа затворени преку ноќ“, рече тој.

Премерот Еди Рама ги негираше обвинувањата дека неговата влада била вмешана во блокирањето на профилите.

„Да бидам апсолутно јасен: Ние немаме апсолутно никаква врска со деактивирањето или ограничувањето на кој било профил на социјалните медиуми, ниту пак имаме техничка можност да спроведеме таква операција“, напиша албанскиот премиер на платформата X.