Connect with us

Култура

Ревија на народни носии во Струга – Сјајот на македонската народна носија 55 години

 Под слоганот „Сјајот на македонската народна носија 55 години“ од утре до недела во Струга ќе се одржи традиционалната Ревија на народни носии во организација на КУД „Илинден“ и центарот за култура „Браќа Миладиновци“.

Во рамките на одбележувањето, утре ќе биде проектиран документарен филм „Занаети и време – Филигранство и кујунџиство“ од РТВ Скопје 1982 година и ќе биде промовирана монографијата „Охридско-струшкиот кувенџиски центар“ од Љупчо Милошески. Во сабота ќе биде отворена изложбата „Црквите и манастирите во гевгелиско“ на домот на културата „Македонија“ од Гевгелија, а ќе се одржи и интернационална вечер со ревија на народни носии од Србија. Централниот настан, ревијата на народни носии Струга 2026 „Сјајот на македонската народна носија 55 години“ ќе се одржи во недела. 

Ревијата на народни носии, како што информира претседателот на КУД „Илинден“ Љупчо Милошески, годинава слави јубилеј 55 години од првата одржана ревија во Струга, далечната 1971 година.

– Ревијата на народни носии е една од најзначајните и една од постарите културни манифестации не само за Струга, туку и за цела Македонија. Горди сме што токму ние ја продолжуваме таа традиција на организација и се надеваме дека во годините што следат уште повеќе ќе се развива и ќе расте, изјави Милошески.

Се осврна на годинашниот новитет, вечер посветена за меѓународно претставување со што ги шират границите на учесници на манифестацијата. 

– Оваа година имаме гости од Србија, кои организираат ист фестивал во Нови Сад каде повеќе години сме учесници. На главниот настан во недела учество ќе земат 20 ансамбли и колекционери, но и локални жители кои поседуваат народна носија, а на сцената ќе продефилираат преку 50 ревијалци, истакна Милошески.

Ревијата на народни носии Струга е поддржана од Министерството за култура и туризам и Општина Струга.